Пред утврдувањето на дневниот ред, пратениците од партиите на Албанците побараа точката за продолжување на кризната состојба да биде разгледана на посебна седница и оцени дека денешната седница е свикана спротивно на Деловникот на Собранието и дека власта се обидува да го прошверцува пакетот закони за високото образование
Со 88 гласа „за“ и без гласови „против“ и „воздржани“, Собранието денеска ја донесе одлуката за продолжување на кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври.
Ова следува откако Владата на седницата одржана на 17 јули ја одобри одлуката за продолжување на рокот на кризната состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати на територијата на државата.

Според Владата, продолжувањето на кризната состојба од 21 јули до 20 октомври ќе овозможи континуитет во институционалното постапување и навремено преземање мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари.
Целта е Владата да располага со правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел зачувување на стабилноста во снабдувањето и заштита на интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството.
Пред утврдувањето на дневниот ред, пратениците од партиите на Албанците побараа точката за продолжување на кризната состојба да биде разгледана на посебна седница, оценувајќи дека денешната седница е свикана спротивно на Деловникот на Собранието и дека власта се обидува да го прошверцува пакетот закони за високото образование.
По координација на координаторите на пратеничките групи, постигнат е договор законите за високото образование да не бидат ставени на дневен ред.
Пратеникот на Албанска лига, Елми Азири, изјави дека опозицијата и претходно ги поддржувала одлуките за кризна состојба, но дека во овој случај не биле испочитувани одредбите од Деловникот.
„Не можеме да се правиме наивни кога пред наши очи не се почитува Деловникот. Тенденцијата е јасна. Наместо ова, можеше да се свика посебна седница за кризната состојба, а другите точки да се разгледуваат согласно Деловникот“,
рече тој.

Координаторката на пратеничката група на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Рина Ајдари, праша каде е итноста за носење на законите за високото образование и побара предлагачот да ја повлече точката за продолжување на кризната состојба и да биде свикана посебна седница.
„Ако првата точка е продолжувањето на кризната состојба, има ме можност штом предлагачот е тука, нека излезе и нека ја повлече точката од дневниот ред и оваа точка да оди во друга нова седница, а не да има исто третирање како со другите точки од дневниот ред кои се по редовна постапка. Каде е ургентноста на ова, освен вашиот обид да направите правно шверцување на сите закони кои вас ви одат во прилог. Друга логика не гледам. Предлагачот нека излезе и нека ја повлече точката од дневниот ред и да одиме со нова седница каде што ќе се разгледува ургентноста“,
вели Ајдари.

На овие забелешки одговори потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, кој рече дека седницата е свикана за да се овозможи навремено продолжување на кризната состојба и да не се доведе во прашање снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
„Доколку одлуката не се донесе навреме, би можеле да бидат загрозени снабдувањето со нафта, стопанството, транспортот, јавните служби и енергетската стабилност на државата. Апелирам до пратеничката група на ДУИ да го прифати аргументот дека доколку оваа седница беше свикана во редовен рок од најмалку 10 дена Собранието објективно не би можело да одлучи пред истекот на кризната состојба. Таквиот прекин би можел да предизвика негативни последици за граѓаните, за стопанството, за транспортот, за јавните служби и за целокупната енергетска стабилност на државата. Доколку не помине кризната состојба заради опструкции од страна на ДУИ, во ред, тогаш ќе имаме последица која јавноста ќе може да види заради што е настаната. Би било добро да бидеме солидарни и одговорности по однос на интересот на стопанството, на граѓаните и на енергетската стабилност“,
кажа Милошоски.
Инаку, и претходно Владата донесе одлука за продолжување на кризната состојба со рок до 21 април до 20 јули.
