Со оваа одлука се обезбедува подготвеност на институциите за брза реакција при евентуални нагли ценовни промени на меѓународните пазари, се гарантира континуиран и непречен проток на енергенси во земјата, а се ублажуваат и евентуалните негативни последици врз буџетот на граѓаните и врз домашното стопанство

Владата на денешната седница донесе одлука со која се продолжува рокот за постоење кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Кризната состојба се продолжува од 21 јули до 21 октомври.
Со оваа одлука се обезбедува подготвеност на институциите за брза реакција при евентуални нагли ценовни промени на меѓународните пазари, се гарантира континуиран и непречен проток на енергенси во земјата, а се ублажуваат и евентуалните негативни последици врз буџетот на граѓаните и врз домашното стопанство.
„Целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството“,
се вели во соопштението од Владата.
Владата најави дека ќе продолжи да ги следи сите движења на домашниот и меѓународниот енергетски пазар со цел навремено носење на нови заштитни мерки доколку тоа го наложат околностите.
Предлогот за продолжување на кризната состојба, по усогласувањето на владините процедури, ќе биде испратен до Собранието, каде што пратениците ќе треба да ја разгледаат и официјално да ја изгласаат одлуката согласно законските надлежности.
Пред два дена премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, потсети на вжештената ситуација во Заливот и додаде дека Владата сето тоа го антиципира. Тогаш кажа дека веќе се исполнети условите од понеделник да имаме повторно намалување на акцизите за безоловниот и за дизелот.
Инаку, и претходно Владата донесе одлука за продолжување на кризната состојба со рок до 21 април до 20 јули.
