„Да почекаме, денеска сме 15-ти, да затворат берзите, да направиме анализа на првите 15 дена. Остануваме посветени на таа политика, имаме убедливо најниска цена на гориво“, вели премиерот

Нема да банкротираме, опозицијата ќе гледа како се реализираат капитални проекти, кажа премиерот Христијан Мицкоски денеска при посета на Општина Сарај. Тој вели дека владата има за цел да го подобри животот на граѓаните и не може да се занимава со „растурање пердуви“.
Додава дека цената на струјaта за граѓаните не само што не е поскапена, туку власта се обидува да најде формула како од јануари да поевтини.
Во однос на цените на горивата, тој потсети на вжештената ситуација на Заливот.
„Ние сето тоа го антиципираме. Кризната состојба е до 20 јули, мислам дека веќе се исполнети условите од понеделник да имаме повторно намалување на акцизите за безоловниот и за дизелот. Да почекаме, денеска сме 15-ти, да затворат берзите, да направиме анализа на првите 15 дена. Остануваме посветени на таа политика, имаме убедливо најниска цена на гориво. Некој ќе рече ‘aма платите кај нас какви се, во Германија какви се’. Да, ама цената на горивата е од берза, од таму каде што купува Германија, купуваме и ние. Не купуваме ние од различно место, ние немаме во двор извор на нафта, па од тој извор на нафта да ги полниме резервоарите на нашите автомобили. Прашањето е зошто е таму двапати поскапо? Зошто во Албанија е 70% поскапо? Зошто во Грција е речиси двапати поскапо? Зошто во Србија е 50% поскапо? Тоа се политиките на оваа влада во насока на подобар стандард за граѓаните“,
кажа Мицкоски.
