Мислам дека пожарот во Чаниште денеска ќе го ставиме под целосна контрола иако дури и самиот се сомневав дека ќе успееме во оваа намера, вели првиот човек на ДЗС
Сериозна ситуација синоќа бил пожарот на територијата на Општина Јегуновце, кој навлегол во атарот на селото Туденце и го загрозил блискиот манастир
Во моментов, активни се шест пожари низ Македонија
Во текот на вчерашниот ден избувнале 29 пожари на отворен простор, кажа директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Од нив, 23 се изгаснати, додека шест се активни и претпладнево.
Ангелов сведочи дека синоќа имало вистинска драма во селото Чаниште, оддалечено триесетина километри од Прилеп. Огнот навлегол меѓу селските куќи, но не е изгорена ниту една куќа во која живеат преостанатите жители во селото. Мештаните ноќта ја поминаа во своите домови, а изгореле неколку стари и напуштени куќи.
„Многу голема благодарност до прилепските пожарникари кои пожртвувано се бореа со огнот и успеаја да спасат поголем дел од селото, благодарност и до доброволните пожарникари од Битола кои беа ангажирани преку тимот за брз одговор на Дирекцијата и работеа цела ноќ, работат дури и сега. Изгаснаа огромна површина од пожарот и мислам дека денеска овој пожар ќе го ставиме под целосна контрола иако дури и самиот се сомневав дека ќе успееме во оваа намера. Пожртвувано гаснење во текот на целата ноќ“,
кажа Ангелов во изјава утринава.
Втората многу сериозна ситуација синоќа бил пожарот на територијата на Општина Јегуновце, кој навлегол во атарот на селото Туденце и го загрозил блискиот манастир.
„Поради голема опасност по манастирот, а недостиг на локални пожарникари од Тетово коишто воопшто ги немаше во тој момент кај манастирот, упатив неколку тимови на Дирекцијата, составени од доброволци од Гостивар, од доброволното друштво од Чаир од Скопје, но и едно доброволно друштво од Тетово коешто не е ангажирано преку Дирекцијата, но со моја согласност се вклучи во гасење на пожарот и заштита на манастирот“,
рече Ангелов.
Во овој момент активен е пожарот кој од Велес преминува во Зелениково. Таму, пожарникарите со ползење и пробивање низ густа вегетација со трња, оделе по самата огнена линија и заштитиле две загрозени села.
Во Македонски Брод пожарот е значајно намален. Интервенирале и три „ертрактори“ и полицискиот хеликоптер.
Гори и во Студеничари, селото Рамни Габер, но пожарот е оддалечен од селото.
„Карактеристично за сите овие пожари е што никаде не гори квалитетна шума, во овој момент немаме загрозени села“,
вели првиот човек на ДЗС.
Тој посочи и дека депонијата од Кратово е целосно затрупана и не го загадува воздухот во градот.
„Апелирам повторно до граѓаните да бидат исклучително внимателни, бидејќи е доволна само искра за вистинска катастрофа“,
рече Ангелов.
