На прашањето дали СДСМ располага со конкретни докази за ваквите тврдења, Филипче во вечерашното гостување во централниот Дневник на МРТ 1 не посочи на нови факти, но темата ја поврза со, како што рече, лажниот сертификат за познавање на англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски
Филипче побара Бугарија да ја екстрадира Михаилова, оценувајќи дека тоа е најмалку што може да направи нашиот источен сосед во корист на добрососедските односи
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче во интервју за МРТ1 упати критики до власта во врска со бегството на Ива Михаилова, повторувајќи ги сомнежите на партијата дека тоа што сè уште не се знае како таа ја напуштила државата и влегла во Бугарија укажува на „договор под маса“.

„Нема што друго да е освен договор, затоа што нема објаснување како некој може така да помине граница. И адвокатот и самата Ива кажаа дека ја поминале границата најлегално“,
рече Филипче.
На прашањето дали СДСМ располага со конкретни докази за ваквите тврдења, Филипче не посочи на нови факти, но темата ја поврза со, како што рече, лажниот сертификат за познавање на англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Во тој контекст, лидерот на СДСМ, рече дека одговорност за случајот мора да има и во АНБ и во Министерството за внатрешни работи, особено кога станува збор за контролата на границите и околностите под кои Ива Михаилова ја напуштила државата.
Филипче побара Бугарија да ја екстрадира Михаилова, оценувајќи дека тоа е најмалку што може да направи нашиот источен сосед во корист на добрососедските односи.
„Но, се враќам на вашето прашање зошто и како се сомневаме и што е тоа што знаеме во однос на можен договор под масата. Да потсетам на лажниот сертификат што директорот на АНБ, Бојан Христовски, го има од Бугарија. Да не е тоа причината зошто сега има вакви договори? Затоа што АНБ треба да има одговорност, затоа што МВР треба да има одговорност“,
рече лидерот на СДСМ.
Во таа насока, тој посочи дека јавноста има право да добие одговори за постапувањето на надлежните институции и одговорност за случајот со Михаилова, повторувајќи дека сомнежите за договори зад затворени врати мора да бидат расчистени.
Говорејќи за случајот, Филипче се осврна на вчерашното интервју на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за телевизија Сител, оценувајќи ја како скандалозна неговата изјава дека нашата граница е како „швајцарско сирење“. Тој побара одговорност од Тошковски и од сите, како што рече, вмешани во скандалот.
„Но, тоа не треба тој да го изјави, тоа го гледаме сите секојдневно, изминате повеќе од две години како е тој министр за внатрешни работи. Се секавате на скандалите на границата со Косово, како поминуваше Африм Гаши. Како избега Артен Груби? Како се врати? Во контекст на договорите, го пречека практично со црвен килим. Најмалку што може, Панче Тошковски, сега, после овој скандал, последен во низата скандали е тоа. Да не го заборавиме случајот со пожарот во Кочани, се обиде да ги заштити делот од полицајците кои што таму работеа“,
рече претседателот на СДСМ.
Уставните измени се неопходни, вели Филипче
Во интервјуто лидерот на Социјалдемократскиот сојуз говореше и за уставните измени, кои, како што рече се неопходни за отпочнување на преговорите по кластери со Европската Унија, а секое нивно одложување значи губење време, сиромаштија, изолација и иселување на младите. Тој упати критики до премиерот Христијан Мицкоски дека дошол на власт со ветувања дека ќе ги подобри преговарачките услови, но сега откако сите му кажале дека е невозможно тоа да се смени, прашањето што се поставува е што чека власта.

„Имајќи предвид дека апсолутно ништо не може да се промени, граѓаните ќе бидат сведоци дека сè ќе се сведе на тоа што ние го зборуваме, и јас лично, изминатите две години: дека тоа е чекорот што треба да се направи. И сè друго е губење време, губење децении, значи сиромаштија, значи изолација, значи иселување на децата, значи часови и часови чекање на границите и значи тонење во долгови. И ништо, ништо друго“,
кажа Филипче.
СДСМ ќе поддржи измени на Изборниот законик кога ќе се отстранат членовите што водат кон изборни манипулации
Говорејќи за Изборниот законик, претседателот на СДСМ рече дека партијата ја напуштила работната група откако власта претходно го нарушила принципот на консензус за одредени прашања носењето на измените на Законот за Влада сонкои се укинува техничката влада на 100 дена пред парламентирани избори.
„Зошто да седиме на масата со некој кој што не го почитува правилото дека ако некој закон се носел со консензус, така требало да продолжи. Законот за техничка пржинска влада и во 2020 година и за изборите во 2016 година е носен со консензус. Сите големи политички партии седеле на масата“,
рече тој.
Сепак, како што кажа, СДСМ би се вратил на маса и ќе го поддржи Изборниот законик доколку од него се остранат, како што кажа, одредбите што отвораат можност за изборни манипулации, а се однесуваат на делот за гласање на дијаспората.
„Тогаш ние ќе сме повторно на масата и ќе го поддржиме Изборниот законик, затоа што тогаш ќе бидат само препораките на ОБСЕ и ОДИХР и тогаш немаме проблем. Ниту за зголемување на буџетот на помалите партии, ниту пак со една изборна единица“,
рече Филипче во гостувањето во Централниот дневник на МРТ1.
