Од МНР очекуваат осуда на изјавите да има и од бугарска страна, а апелираат и до граѓаните на двете земји да не им подлегнуваат на ваквите провокации кои, велат, имаат една единствена цел да ги спречат двете држави во спроведувањето на искрените намери за продлабочување на односите
Министерството за внатрешни работи (МНР) излезе со нова осуда за иредентистичките изјави на бугарскиот пратеник и лидер на националистичката партија „Преродба“, Костадин Костадинов, кој денеска од Скопје повторно порача дека сме втора бугарска држава.
Овие изјави МНР ги толкува како обиди за минирање на сите напори на двете страни за унапредување на соработката и очекуваат осуда да има и од бугарска страна.
„МНР, исто како што и претходно реагираше, и овој пат ги осудува иредентистичките изјави кои содржат и територијални претензии кон Република Северна Македонија искажани јавно и повеќе пати од страна на бугарскиот пратеник и лидер на политичка партија, Преродба, Костадин Костадинов. Фактот што овие изјави се повторуваат, овојпат и во Скопје и тоа на значаен и за двете страни симболичен повод, отворање на нови канцеларии на Културно-информативниот центар како и во пресрет на Бизнис форумот меѓу Северна Македонија и Бугарија, не можеме, а да не ги толкуваме како обиди за минирање на силните напори на двете Влади за унапредување на соработката и како организирана провокација, која треба да биде осудена од сите проевропски политички структури и институции во двете држави“,
велат од МНР.
Оттаму апелираат и до граѓаните на двете земји да не им подлегнуваат на ваквите провокации кои, нагласуваат од МНР, имаат една единствена цел: да ги спречат двете држави во спроведувањето на искрените намери, реафирмирани од двете страни, за продлабочување на односите меѓу нашите држави и народи во духот на европските вредности.
Костадинов денеска во Скопје присуствуваше на отворање на Културно-информативниот центар на Бугарија, на кој од бугарската влада како претставник беше министерот за култура Велислав Минеков, а од македонска министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Министерката во коментар за изјавите дека „Македонија е втора бугарска држава на Балканскиот Полуостров“, рече дека таквите изјави се најмалку европски и дека воопшто не одат во прилог на настан како денешниот.