Членовите на Советот постапија тактички за да доекипираат обвинителства кои се најкритични со кадар, па така, за одредени обвинителства каде што фалат обвинители и од каде што има кандидати кои ја завршија Академијата, решија да не распишат оглас бидејќи сметаа дека ситуацијата во некое од обвинителствата во соседните градови е покритична. Така, со огласот ќе се обидат да ги „натераат“ кандидатите за обвинители да се пријават за работа во некој од соседните градови

Тазе завршените слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители нема да може да се вработат како обвинители во Скопје бидејќи нема ни да се распише оглас за вработување во скопското обвинителство.
Станува збор за кандидатите за кои од Академијата пред 10 дена ја објавија конечната ранг-листа, а која крена врева во јавноста затоа што на списокот се најдоа деца, снаи и сопруги на функционери и на актуелни судии и обвинители.
Од вкупно 58 кандидати, 30 положија за судии, а 28 за обвинители.
Откако тие го положија завршниот испит, Академијата веќе наредниот ден ја прати конечната ранг-листа до Судскиот и до Советот на јавни обвинители – двете тела кои треба да ги изберат идните судии и обвинители.
Додека во фелата кружеа информации дека голем дел имале желба да бидат обвинители во главниот град, денеска членовите на Советот на јавни обвинители на седница едногласно одлучија да распишат оглас за прием на 31 обвинител, но ниту едно од отворените места да не биде за Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, туку за внатрешноста.
Како што можеше да се заклучи од дискусијата на седницата на Советот, членовите сметаат дека скопското обвинителство не е толку критично бидејќи во моментов има 57 обвинители, па затоа сакаат да ги пополнат местата во останатите градови каде што основните обвинителства кубурат со кадар.
Ова значи дека првата шанса за вработување и за старт на обвинителската кариера тие ќе ја имаат во внатрешноста. Некои од кандидатите може и да не аплицираат на овој оглас, па да го чекаат наредниот доколку во него има места за во ОЈО Скопје. Втората ќе им биде и последна шанса да аплицираат бидејќи, како што посочи претседателот на Советот Антонио Јолевски, доколку не се јават и на втор оглас, тогаш го губат правото.
Огласот за кој денеска се донесе одлука за распишување, од Советот очекуваат да го објават во „Службен весник“ во текот на наредната недела.
Меѓу 28-те кандидати кои ќе може да конкурираат за едно од 31 место што се отвора, најзвучното име за кое се зборуваше во јавноста е Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тука е и Албулена Абази, сопругата на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), како и Јетмир Беџети, син на судијата од скопска Апелација, Енвер Беџети.
Ако не се дома, барем да се блиску до дома

ОЈО Скопје не е единственото обвинителство за кое нема да се бара обвинител преку овој оглас, а за некои од нив членовите на Советот ја применија истата тактика – во овој момент да не отвораат работно место бидејќи во обвинителство во соседен град состојбата е покритична, па таму да се пријави кандидатот од тој регион.
„Го приспособуваме тоа што го имаме, со потребите на обвинителствата“,
искоментира членот на Советот Фиданка Рајевска.
Ова значи дека тие очекуваат, на пример, кандидатите од Скопје кои ја завршија Академијата да се пријават за местата во околината, како што е ОЈО Куманово – од Куманово има еден кандидат кој ја завршил Академијата, а огласот ќе се распише за две места. Или, пак, во Свети Николе од каде што нема ниту еден кандидат, а ќе има оглас за еден обвинител.
Во ОЈО Тетово, пак, со огласот ќе се бараат 6 обвинители. Меѓу кандидатите само тројца се тетовци, но Советот се надева дека можеби ќе аплицира некој од оние што се од соседниот Гостивар. Од Гостивар има дури пет кандидати што ја завршија Академија, а во гостиварското обвинителство ќе се отвори место само за тројца обвинители, па очекувањата се дека некој од нив ќе аплицира директно за тетовското обвинителство.
Сличен е примерот и со ОЈО Кавадарци за кое членовите на Советот сметаат дека не е толку критично, па решија да не распишат оглас. Оттаму има една кандидатка од Академијата, а најблиското место за кое таа би можела да аплицира за работа е во ОЈО Гевгелија, каде што ќе се бараат двајца обвинители.
Слично е и со ОЈО Берово. Таму работи еден обвинител, а меѓу кандидатите има еден од овој град, меѓутоа со овој оглас нема да се бара работно место за беровското обвинителство. Оглас ќе има за еден обвинител во делчевското обвинителство, од каде што, пак, нема кандидати во последната генерација од Академијата.
Во табеларниот приказ во продолжение, може да се погледне подетално за кои основни јавни обвинителства по колку обвинители ќе се бараат со огласот за кој денеска беше донесена одлука.

Ќе има и оглас за виши обвинители
Една од точките на дневен ред на денешната седница на Советот на јавни обвинители беше и „разгледување на можноста за донесување одлука за распишување на оглас за избор на јавни обвинители во Вишите јавни обвинителства“.
Заменик-претседателот на Советот, Арбер Исаку, предложи и инсистираше денеска да се распишат огласи за виши јавни обвинители во Гостивар, Битола и Скопје бидејќи, рече, ситуацијата се одолговлекува премногу.
Никој од членовите не ја спореше потребата од виши обвинители во овие три места, меѓутоа мнозинството сметаше дека денеска не е моментот кога треба да се распише оглас. Прво, се согласија, ќе ја завршат постапката за избор на двајца виши обвинители која е во завршна фаза и веќе неколку месеци се чека да се спроведе само гласањето во Советот. Исто така, дел од членовите сметаа и дека прво треба да се изберат новите основни обвинители, па потоа да се види каква е состојбата во обвинителствата и да се дефинира за колку места и за кои виши обвинителства да се распише оглас.
Исто така, се дискутираше и за нов оглас за во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), за што членовите на Советот едногласно одлучија да распишат и со него да се бараат четворица обвинители.