Адеми потсети дека партијата Влен ја побарала довербата од гласачите со ветување за зголемување на застапеноста на Албанците во администрацијата на најмалку 31,5 отсто, но наместо тоа, како што рече, донела политички регрес и разочарување
Влен ја побара довербата од Албанците ветувајќи дека ќе го подигне правичното и соодветното застапување на повисоко ниво. Денес, по две години на власт, резултатот е дијаметрално спротивен. Ова денеска на прес-конференција го истакна генералниот секретар на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми.

Адеми потсети дека партијата Влен ја побарала довербата од гласачите со ветување за зголемување на застапеноста на Албанците во администрацијата на најмалку 31,5 отсто, но наместо тоа, како што рече, донела политички регрес и разочарување. Според ДУИ, уривањето на правата на Албанците се одвивало во неколку фази.
„Уште во првата недела од мандатот на новата влада, преку измени во методологијата за евидентирање на вработените во јавниот сектор, Албанците статистички беа намалени од 29,5 отсто на 24,3 отсто. Тоа беше првиот сигнал дека ветувањата на Влен немаат никаква врска со реалноста“,
рече Адеми.
Тој нагласи дека укинувањето на механизмот „балансер“ од страна на Уставниот суд не е случајност, туку однапред најавен план на ВМРО-ДПМНЕ, кој Влен без резерва го прифатила во владината програма. По укинувањето на „балансерот“, ДУИ тврди дека веќе се видливи последиците преку огласи за државна администрација во кои нема ниту еден Албанец.
„Од ветувањето за 31,5 отсто, стигнавме до конкурси со 0 проценти Албанци. Наместо да воспостави посилен механизам за заштита, Влен предложи закон кој не го штити правичното и соодветното застапување. Напротив, тоа е закон изграден врз принципот на ‘квалитет’ наместо етничко претставување, со што се поткопува едно од најзначајните достигнувања на Охридскиот мировен договор“,
изјави Адеми.
Од партијата јавно ги повикаа функционерите на Влен да покажат каде се реализирани 2 500 вработувања и унапредувања со кои се пофалија во јавноста, тврдејќи дека официјалната статистика не потврдува такво нешто.
Адеми се повика и на изјавите на премиерот, кој нагласи дека вработувањата се вршат според компетенции, што според ДУИ е доказ дека филозофијата на оваа влада е постепено заменување и уништување на концептот за етничка застапеност во државата.
