„Пред почетокот на состанокот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, постигнавме согласност со политичката партија Демократска партија на Турците за нејзино учество во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и нејзино учество во Владата со еден претставник, министер без портфолио“, соопшти вечерва на прес-конференција премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ
По седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција ги соопшти кадровски промени во рамки на реконструкцијата на Владата.

Како што информира Мицкоски, владејачката ВМРО-ДПМНЕ со владината реконструкција ги добива министерствата за здравство и за социјална политика демографија и млади. За министер за здравство партијата го предлага актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, а за социјална политика, демографија и млади е предложен актуелниот заменик-министер во овој ресор, Ѓоко Велковски.
На местото на Клековски во ФЗО ќе биде назначен актуелниот министер за локална самоуправа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински, а за нов министер за локална самоуправа се предлага актуелниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.
„Министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, ќе биде Ерџан Демир, дипломиран економист кој досега беше претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Шуто Оризари“,
соопшти Мицкоски на вечерашната прес-конференција.
На партијата Влен ќе ѝ припаднат Министерството за правда, Министерството за култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците, додека движењето ЗНАМ ќе номинира свој кандидат за министер во ресорот Земјоделство, шумарство и водостопанство. Свое учество во Владата ќе земе и Демократската партија на Турците, која ќе има министерско место без ресор.
„Пред почетокот на состанокот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, постигнавме согласност со политичката партија Демократска партија на Турците за нејзино учество во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и нејзино учество во Владата со еден претставник, министер без портфолио. Така што, Владата го задржува истиот број на ресори, со тоа што ќе имаме двајца потпретседатели на Владата помалку, споредено со изминатиот двегодишен период“,
изјави премиерот.
Како што претходно денеска изјави во телевизиско интервју, ресорот за добро владеење во рамки на Владата ќе биде укинат и отсега директно ќе биде под ингеренции на кабинетот на премиерот.
Премиерот соопшти дека предлог-составот на Владата, заедно со биографиите на предложените министри, ќе биде доставен до Собранието до петок оваа недела.
Владината реконструкција, порача Мицкоски, означува почеток на нова фаза од работата на Владата, во која фокусот ќе биде ставен на ефикасност, динамика и испорачување резултати. Сите промени, како што порача, имаат за цел да внесат нова енергија и да додадат вредност во квалитетот на работењето на Владата.
