Информацијата за одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва на прес-конференција ја објави партискиот лидер Христијан Мицкоски
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва на седница ја избра Марија Митева за нова претседателка на Унијата на жени на партијата, која ќе дојде на местото на Жаклина Пешевска. За нов претседател на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ, пак, е избран Тодор Конески, кој доаѓа на местото на Сергеј Попов.

Информацијата вечерва на прес-конференција ја објави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопштувајќи ги партиските решенија донесени на седницата на Извршниот комитет.
„За нов претседател на Унијата на млади сили е избран Тодор Конески, а за нова претседателка на Унијата на жени е избрана Марија Митева, досегашен портпарол на Владата“,
изјави Мицкоски.
Митева во објава на Фејсбук се заблагодари за укажаната доверба и можноста да ја предводи Унијата на жени, оценувајќи дека женскиот глас мора да биде уште погласен на местата каде што се креираат политиките и се носат одлуките, не затоа што жените бараат привилегија туку, како што рече, затоа што заслужуваат еднакви можнсоти да придонесат со своето знаење, интегритет и лидерство.
„За мене, Унијата на жени никогаш нема да биде организација што ќе зборува само за женски теми. Ја гледам како место каде што се создаваат политики за образованието, економијата, здравството, семејството, демографијата, локалниот развој, претприемништвото и иднината на Македонија. Организација што ќе биде препознатлива по својата содржина, по својата работа и по резултатите што ги остава зад себе“,
порача Марија Митева во фејсбук-објава.
Новоизбраниот претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески, се заблагодари за укажаната довербата и порача:
„Продолжуваме со уште поголема енергија, поголема организација и уште посилна работа. Ќе бидеме уште поприсутни, уште поорганизирани и уште поодлучни во секој сегмент на нашето делување. Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде политичка сила во рамки на ВМРО-ДПМНЕ.“
