Во соопштението од денешната владина седница на која биле утврдени предлог-измените на пет закони, се наведува дека „при примената на законските одредби коишто се однесуваат на прекувремена работа, укажана е потребата од донесување одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот. Поради природата на работите и задачите што се вршат во работите од национален интерес на Република Северна Македонија, има потреба тие да може да се спроведуваат и во недела”
Во соопштението од Владата не се споменува горна граница за прекувремените работни часови, како што најавуваше министерката за труд, иако што точно пишува во предлог-измените, ќе се дознае откако тие ќе станат достапни на интернет-страницата на Собранието
Владата на денешната седница, како што претходно на прес-конференција информира вицепремиерот Артан Груби, разгледа и утврди предлог-измени и дополнувања на пет закони кои, како што се наведува, се однесуваат на овозможување ефикасна и квалитетна реализација на коридорите 8 и 10-д, како градби од стратешки интерес, а кои ќе бидат доставени на усвојување од страна на Собранието на Република Северна Македонија со европско знаменце.
Владата го разгледа и утврди текстот на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка.
„Со предлозите за измена и дополнување, според посоченото од Министерството за финансии, се овозможува поедноставување на прометот и ослободување од данок на додадена вредност и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги којшто е извршен кон инвеститорот од страна на стратешкиот партнер, како и прометот кон инвеститор за цели на проектот од овој закон“,
информираат од Владата.
Разгледан и утврден е и текстот на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација.
Со предложените решенија, посочуваат од владината прес-служба, се овозможува поефикасна примена на Законот за експропријација, а за реализација на градби кои се од стратешки интерес за државата.
Владата го разгледа и го утврди текстот на Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.
„Со предложениот текст се овозможува нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработката, постапката на донесување и спроведување на тој урбанистички проект“,
соопштија од Владата.
Разгледан и утврден е и текстот на Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за градење.
Со измените и дополнувањата на овој закон се утврдуваат посебен вид на градби, градби од стратешки интерес и тоа: државни патишта како градби чијашто изградба е предвидена со Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, како и на железнички пруги и магистрални гасоводи, енергетски градби како и други инфраструктурни градби – утврдени како градби од јавен интерес, од национална важност, со посебен закон или одлука на Владата. Изградбата на градбите од стратешки интерес е предвидено да се врши врз основа на урбанистички проект за градби од стратешки интерес, одобрен согласно Законот за урбанистичко планирање.
Владата го разгледа и утврди и текстот на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка.
„При примената на законските одредби коишто се однесуваат на прекувремена работа, како што е објаснето од Министерството за труд и социјална политика, укажана е потребата од донесување одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот. Поради природата на работите и задачите што се вршат во работите од национален интерес на Република Северна Македонија, има потреба тие да може да се спроведуваат и во недела. Работниците се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор. Согласно со Законот, работниците имаат право на дневен и неделен одмор“,
информираа од Владата.
Ова е идентичен или многу сличен предлог за измени на Законот за работни односи, како оној што беше доставен од група пратеници и е веќе во собраниска процедура, но чие усвојување е блокирано со голем број амандмани од опозицијата.
По многубројните негативни реакции во јавноста, министерката за труд и социјална политика тогаш најави дека ќе се утврдува горна граница за прекувремена работа.
„Предлогот што е даден во Собранието не ја утврдува горната граница. Затоа разговараме со предлагачите на законот во Собранието, со пратениците, за да се утврди горната граница. Да се знае колку најмногу може. Разговаравме и ќе видиме и уште ќе разговараме. Секако, ќе се донесе закон кој ќе ги штити правата на работниците“,
рече Тренчевска во настап на ТВ Телма на 19 април.
Но, во денешното соопштение на Владата за „новите” предлог-измени не се споменува горна граница за прекувремената работа. Сепак, што точно предлага Владата, ќе може да се дознае дури откако измените ќе станат достапни на интернет-страницата на Собранието.
Вицепремиерот Артан Груби на денешната прес-конференција информира дека предложените измени на петте закони ќе бидат поднесени во Собранието со европско знаменце.
По ова, реагираа од Делегацијата на Европската Унија во земјава од каде што посочија дека предлог-законите не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата.
„Употребата на европско знаменце во легислативата навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и затоа треба да цели кон усогласување (на македонското законодавство) со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања. Како што веќе рековме во последователните извештаи на Европската комисија за Северна Македонија, употребата на брзи процедури треба да биде ограничена и да се применува само кога е оправдано да се користи за да се унапреди реформската агенда за ЕУ. Тоа не треба да се користи за заобиколување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом“,
реагираа од Делегацијата на ЕУ.
Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој е избран за стратегиски партнер за реализација на проектот за изградбата на автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д, беше потпишан во Владата на 8 март.
Што точно е напишано во договорот и на какви услови се обврзале Владата, од една, и конзорциумот, од друга страна, јавноста не можеше да добие на увид затоа што договорот е класифициран со степен – доверливо.
Контроверзиите поврзани со договорот добија на интензитет и на зголемен интерес кај експертската и општата јавност кога на почетокот на април група пратеници од владејачката коалиција поднесоа пакет од девет закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д по скратена постапка.
(АНАЛИЗА) За „Бехтел и Енка“ ќе важат други правила – власта преку ноќ менува девет закони
Пред пратениците за нивна измена се најдоа законите за културно наследство, за земјоделско земјиште, експропријација, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шуми, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратегиски партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д. Една од предлог-измените, онаа за Законот за културно наследство по неколку дена беше повлечена, по реакциите на стручната фела. Но, во јавниот дискурс продолжија да предизвикувааt бура предложените измени на Законот за работни односи, со кој се предвидува продолжување на работните часови за работниците кои ќе бидат ангажирани на изградбата на автопатите.
Владата направила договор со „Бехтел и Енка“ врз основа и на непостоечки законски одредби
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ постојано ја напаѓа Владата дека со договорот со „Бехтел и Енка“ се обврзала да ја зголеми работната недела од 40 на 60 работни часа за работниците кои ќе ги градат автопатите и дека ако 45 дена по потпишувањето на договорот не бидат донесени измените на Законот за работни односи, државата ќе треба да му исплати пенали на американско-турскиот конзорциум. Тој рок веќе помина. Од партијата во неколку наврати објавија делови од договорот за кои рекоа дека го поседуваат во целост и дека го добиле од свиркачи. Од опозицијата обвинија за криминал и корупција во целиот случај и ги повикаа надлежните институции да отворат постапки за договорот.
Од Владата ги демантираа ваквите наводи тврдејќи дека не станува збор за пенали, туку дека ако не се зголеми работната недела, изградбата ќе трае подолго и тоа граѓаните ќе ги чини повеќе.
Деновиве опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат да го добијат на увид договорот со американско-турскиот конзорциум, но и оваа иницијатива остана на позиција статус кво. Од власта порачаа опозицијата да каже кога и во која собраниска комисија да се случи тоа, а од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека не може некој да им го презентира договорот, односно дека имаат право да го добијат на увид. За да се закаже комисија, како што велат, мора прво да го имаат материјалот.
Во саботата Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) преку писмено соопштение информира дека е извршен првиот трансфер на сметката на претпријатието на средства наменети за изградбата на коридорите 8 и 10-д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Според законските обврски од посебниот закон и потпишаниот договор со американско- турскиот конзорциум, како и согласно владината програма, беше наведено во соопштението, овие средства се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на „Бехтел и Енка“ пред да се почне со градежните активности на трасите.