Од Кривичен информираат дека притворот против Дејан Јованов ќе започне да се извршува од 3 октомври, имајќи предвид дека тој во моментот веќе издржува мерка притвор во предметот поврзан со пожарот во „Пулс“
Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството и му одреди 30-дневен притвор на газдата на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, во рамки на новиот предмет кој се води против него, каде што е осомничен дека поткупувал службеник во Министерството за економија за противзаконски да добие лиценца за вршење угостителска дејност.

Од Кривичен информираат дека притворот ќе започне да се извршува од 3 октомври, имајќи предвид дека Јованов во моментот веќе издржува мерка притвор во предметот поврзан со пожарот во „Пулс“. Мерката е одредена поради опасност осомничениот да се даде во бегство или да ја попречи истрагата со влијание врз сведоци.
„Имајќи предвид дека осомничениот мерката притвор определена во предметот ‘Пулс’, ја издржуваше во КПУ Куманово, со оглед на тоа што првично му беше определена од Основниот суд Кочани, сега истиот ќе биде префрлен на издржување на новоопределената мерка притвор во затворот ‘Скопје’, согласно Правилникот за спровод и издржување на определените мерки за обезбедување присуство“,
соопштија од Основниот кривичен суд Скопје додавајќи дека одбраната може да ја обжали одлуката.
Од Кривичен информираат и дека одбраната на Јованов денеска го повлекла предлогот за определување гаранција во износ од околу 200 000 евра во недвижен имот.
Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата вчера информира дека е покрената нова истрага против газдата на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, овој пат за кривичното дело давање поткуп, за што побара да му биде одреден притвор. Инаку, за предметот поврзан со трагедијата во Кочани, тој требаше да излезе од притвор на 3 октомври, до кога му беше последното продолжување на притворот, со оглед на законската одредба дека може да ја издржува мерката најмногу една година од оцената на обвинителниот акт.
