Претседателката на Европската комисија рече дека личниот ангажман на премиерот и посветеноста на Владата донеле конкретни финансиски и економски придобивки за земјата

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски, упати пофални зборови за реформските резултати на Македонија во рамки на Планот за раст на ЕУ.
Фон дер Лајен рече дека личниот ангажман на премиерот и посветеноста на Владата донеле конкретни финансиски и економски придобивки за земјата.
Македонија веќе има добиено 140 милиони евра од Планот за раст, а Фон дер Лајен најави дека во наредните неколку недели ќе следуваат дополнителни исплати од ЕУ.
„Додека вие се подготвувате да се приклучите кон ЕУ, ние отвораме делови од нашиот единствен пазар за вашите компании. Истовремено вие усвојувате клучни реформи што се потребни за вашите компании да можат да работат на нашиот единствен пазар и така вашата економија постепено да се спои со единствениот пазар на ЕУ“,
рече Фон дер Лајен.
Како директен резултат од Планот за раст, таа ги посочи пристапувањето кон СЕПА и преговорите за укинување на надоместоците за роаминг.
Фон дер Лајен потсети дека Македонија ќе се приклучи со новиот европски центар „Везилка“, со што на домашните компании ќе им се овозможи пристап до суперкомпјутерот на ЕУ за обука на нивните модели за вештачка интелигенција.
„Ова е одличен пример за вистинска интеграција и тоа се наоѓа во самата срж на нашата визија за проширувањето на Европската Унија“,
истакна претседателката на ЕК.
На новинарско прашање за барањето на земјава за вклучување на ЕУ во разговори со Софија, Фон дер Лајен рече дека со премиерот Мицкоски договориле прв чекор следната недела во насока на деблокада на процесот.
Премиерот Мицкоски откри дека шефицата на Европската комисија го советувала, за време на посетата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на Софија следната недела, да побара билатерална средба со својата бугарска колешка, Велислава Петрова-Чамова.
