Од СДСМ истакнуваат дека наместо доверливост, содржината на писмото доставено до архивата веднаш била објавена во медиумите блиски до власта, а самата програма, според нив, нема за цел реформи, туку преземање и слабеење на опозицискиот фронт

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со експресна реакција исполнета со низа критики откако претставниците на Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ги доставија своите реформски предлози во партиската архива. Од СДСМ платформата ја нарекоа ЗНАМ 2.0.
Од СДСМ истакнуваат дека наместо доверливост, содржината на писмото доставено до архивата веднаш била објавена во медиумите блиски до власта, а самата програма, според нив, нема за цел реформи туку преземање и слабеење на опозицискиот фронт.
Партијата нагласува дека 17 потписници на писмото се обидуваат да ја наметнат својата волја наспроти над 18 000 членови кои гласале за актуелниот претседател Венко Филипче.
Од СДСМ ги обвинуваат иницијаторите за лични сметки, финансиски интереси и обиди за коалицирање со други политички актери со цел да се расцепкаат опозициските гласови по примерот на партијата ЗНАМ.
Според раководството, во понудениот документ нема конкретни антикорупциски мерки, рокови за ЕУ-интеграциите ниту поддршка за Европското обвинителство, туку само барање за оставка, свикување нов конгрес и промена на партиското лого.
„Партијата не е на продажба и СДСМ не се предава на аванс. За нас СДСМ не вреди 1,6 милиони евра. Ние сме за Европа, за вистина и правда. Слободата на говорот, слободата на медиумите, демократијата, европскиот пат и иднината на нашата Македонија немаат цена“,
порачаа од СДСМ одбивајќи го писмото поднесено од Платформата.
Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ денеска во партиската архива на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на „Бихаќска“ ги доставија предлозите за структурни промени во партијата.
Предлозите, како што информираат од Платформата преку објава на нивната фејсбук-страница, ги доставиле Игор Ивановски, Славјанка Петровска и Коста Начевски.
