Според неа, приходната страна на буџетот за следната година е многу внимателно проектирана поради глобалната неизвесност и додава дека токму поради тоа бил еден од најтешките за проектирање

Во 2027 година нема да има промена во даночните стапки, уверува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според неа, приходната страна на буџетот за следната година е многу внимателно проектирана поради глобалната неизвесност и додава дека токму поради тоа бил еден од најтешките за проектирање. Сепак, вели дека и во такви услови има предвиден раст на платите, пензиите, а и повеќе средства за судството и за реализација на капиталните проекти.
Таа вели дека следната година ќе има средства и за набавката на автобуси и на амбулантните возила.
Димитриеска-Кочоска додава дека два милиони евра се за амбулатни возила, 1,7 милијарди денари за набавка на автобуси за јавниот градски превоз, а за поддршка на компаниите преку Министерството за економија и труд и преку оперативниот план за вработување предвидени се 5,9 милјарди денари.
Додава и дека повеќе средства се обезбедени за судската власт и Јавното обвинителство, со раст на средствата за судството од 19 отсто, а за Јавното обвинителство од 9 проценти. Рече дека е зголемен и буџетот за одбраната каде се издвојува 2 отсто од БДП.
Во однос на капиталните расходи наведе дека од 2025 година е направена нова методологија за прикажување на капиталните расходи во Буџетот и дека доколку се примени истата методологија која не ги вклучува трансферите и субвенциите ќе се добие реалната слика за капиталните инвестиции и во претходните години.
Согласно податоците, како што наведе министерката во 2020 година се реализирале 13,8 милијарди денари, во 2021 година 16,3 милијарди денари, во 2022 година 19,5 милијарди денари, во 2023 година 35,5 милијарди денари, во 2024 година 23,9 милијарди денари, во 2025 година 28,5 милијарди денари, а сега заклучно со окотомври има реализација на 27 милијарди денари. За следната година во ставката капитални расходи се предвидени 40,8 милијарди денари.
