Израелскиот премиер вчера рекол дека од почит кон претседателот Бајден ќе почека да ги слушне предлозите од САД за плановите за заштита на цивилното население во Рафах пред да ја нареди операцијата
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е решен да ја спроведе копнената офанзива на градот Рафах, на југот на Газа, каде што прибежиште најдоа голем број раселени Палестинци, и покрај несогласувањето од страна на американскиот претседател Џо Бајен, пишува британски „Гардијан“.

Нетанјаху вчера пред пратениците во израелскиот парламент (Кнесет) рекол дека јасно му кажал на претседателот на САД дека Израел е решен да ја заврши елиминацијата на баталјоните на Хамас во Рафах и дека нема друг начин тоа да се направи освен со влегување на терен.
По разговорот меѓу двајцата лидери во понеделникот, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави дека САД сметаат оти копнен напад врз Рафах би бил грешка и дека Израел може да ги постигне своите воени цели и со други средства.
Израелскиот премиер вчера рекол дека од почит кон претседателот Бајден ќе почека да ги слушне предлозите од САД за плановите за заштита на цивилното население во Рафах пред да ја нареди операцијата.
Сепак, тој додал дека не гледа друга алтернатива освен копнена офанзива, доколку Израел сака да ја исполни својата цел за уништување на Хамас.
„Имаме дебата со Американците за потребата од влез во Рафах, а не за потребата да се елиминира Хамас“,
рекол Нетанјаху, пренесува британскиот весник.
Според израелските власти градот Рафах, кој се наоѓа близу границата со Египет, е последното големо упориште на Хамас во Газа. Од друга страна, пак, проценките се дека околу 1,5 милион Палестинци, што е повеќе од половина од населението на Газа, се засолнети во Рафах бегајќи од борбите на други места во Појасот.
Белата куќа соопшти дека нема да поддржи операција во Рафах доколку Израел претходно не презентира веродостоен план за обезбедување на сигурноста на палестинските цивили.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер изјави дека Бајден побарал од Нетанјаху да испрати висок тим од воени, разузнавачки и хуманитарни претставници во Вашингтон за сеопфатни дискусии околу планираната операција во Рафах.
Според портпаролката, деталите за средбата сè уште се разгледуваат, но таа најверојатно ќе се случи на почетокот на следната недела. Истовремено таа додаде дека Белата куќа го повикала Израел на поголем ангажман околу хуманитарната помош и да дозволи таа редовно да пристига во Газа.

За потсетување, војната во Појасот започна на 7 октомври откако истиот ден припадници на Хамас влегоа на израелска територија масакрирајќи речиси 1 200 луѓе, а дополнителни 250 беа земени како заложници, од кои дел сè уште се наоѓаат во заробеништво во Газа.
Во одмазничките напади на Израел кои уследија по нападот и сè уште траат, според палестинските здравствени власти под контрола на Хамас досега се убиени речиси 32 000 луѓе, а се стравува дека телата на уште илјадници се исчезнати под урнатините.
Според медиумите под контрола на Хамас, вчера доцна вечерта во израелски воздушен напад врз голем кружен тек во градот Газа загинале 30 луѓе од групите формирани за да обезбедување влез на камиони со помош.
Властите на САД, но и претставници на меѓународните организации велат дека израелските ограничувања на хуманитарната помош за Газа може да бидат оквалификувани како воено злосторство поради немарно предизвикување глад кај цивилното население во Појасот.
„Степенот на континуираните ограничувања на Израел за влез на помош во Газа, заедно со начинот на кој продолжува да го води конфликтот, може да води кон употреба на гладувањето како метод на војување, што е воено злосторство“,
изјави високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Волкер Турк.