Белата куќа минатата недела соопшти дека нема да поддржи големи израелски операции во Рафах без претходно да се посвети внимание на големиот број бегалци кои се наоѓаат таму
Цивилите кои се наоѓаат во градот Рафах на југот на Појасот Газа се во тешка ситуација и мора да бидат заштитени, порача американскиот претседател Џо Бајден, пренесува Би-би-си.

Тој го повика Израел да направи веродостојни напори за заштита на повеќе од еден милион Палестинци кои се засолнети во Рафах на границата со Египет откако претходно беа раселени од други делови на Појасот пред копнените операции на израелската војска.
Сега Израел, како што најави премиерот на земјата Бенјамин Нетанјаху, планира копнена офанзива и врз Рафах, кој во меѓувреме е под жестоки воздушни напади на израелските сили со голем број жртви.
Апелот за заштита на цивилите Бајден го упати по вчерашната средба со кралот на Јордан, Абдула во Вашингтон.
Тој рече дека секоја голема воена операција во градот не треба да продолжи без веродостоен план за гарантирање на безбедноста на оние што живеат таму.
„Многу луѓе таму беа раселени, раселени повеќепати бегајќи од насилството на север и сега се во Рафах, изложени и ранливи. Тие треба да бидат заштитени“,
изјави американскиот претседател.
Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, рече дека САД работат напорно за да посредуваат во уште една пауза во борбите во Газа, со цел да се овозможи достава на хуманитарна помош и материјали во регионот и да се извлечат заложниците што ги држи Хамас.
„Клучните елементи на договорот се на маса“,
рече Бајден, но додаде дека сè уште „има празнини што остануваат“.
Белата куќа минатата недела соопшти дека нема да поддржи големи израелски операции во Рафах без претходно да се посвети внимание на големиот број бегалци кои се наоѓаат таму.
Предупредувања до Израел да не ја започнува планираната офанзива на градот на југот на Газа упатија и голем број други земји и меѓународни организации.
Шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон вчера изјави дека Израел треба да застане и сериозно да размисли пред да преземе дополнителни активности во Рафах.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ги повика сојузниците на Израел да престанат да испраќаат оружје бидејќи премногу луѓе се убиени во Газа.
Минатата недела Саудиска Арабија предупреди на многу сериозни последици доколку Рафах биде нападнат.
Шефот на Обединетите нации за човекови права Волкер Турк рече дека секој напад би бил застрашувачки и дека многу цивили најверојатно ќе бидат убиени.
Во меѓувреме, екстремистичката група Хамас, која управува со Газа, соопшти дека се можни десетици илјади жртви доколку се случи копнена операција на израелските сили, што истовремено ќе ги поткопа и разговорите за евентуален прекин на огнот ни ослободување на израелските заложници кои се држат на територијата на енклавата.

Повеќе од половина од населението на Појасот Газа, кое брои околу 2,3 милиони, сега е сместено во градот на границата со Египет, во кој пред да избие војната помеѓу Израел и Хамас живееја само 250 000 луѓе.
Многу од раселените живеат во импровизирани засолништа или шатори во лоши услови, со слаб пристап до безбедна вода за пиење или храна.
Израелската војска ги започна своите операции во Појасот откако најмалку 1 200 луѓе беа убиени во јужен Израел на 7 октомври од вооружени лица предводени од Хамас, кои исто така зедоа 253 лица како заложници. Подоцна беа ослободени голем број од заложниците, но Израел вели дека 134 сè уште се држат во заробеништво.
Вчера Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека 164 лица биле убиени, а 200 повредени во Газа во текот на последниот ден. Според Министерството, од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот се убиени 28 340 Палестинци, а речиси 68 000 се ранети.