Лидерите на Канада, Австралија и Нов Зеланд заеднички повикаа на итно хуманитарно примирје во Газа, се вели во соопштението објавено како одговор на извештаите за планирана израелска офанзива на градот Рафах

Плановите на Израел да започне копнена офанзива во градот Рафах во јужниот дел на Газа, би биле катастрофални, предупредуваат лидерите на Австралија, Канада и Нов Зеланд во заедничкото соопштение, пренесува Си-ен-ен.
„Загрижени сме од индициите дека Израел планира копнена офанзива во Рафах. Секоја воена акција, во област каде што се засолнуваат речиси 1,5 милиони Палестинци, би била катастрофална“,
се вели во соопштението.
Лидерите го повикуваат Израел да внимава на „растечкиот меѓународен консензус и да не оди по овој пат, бидејќи едноставно нема каде на друго место да одат цивилите“.
Во соопштението се наведува дека Израел треба да обезбеди испорака на суштинска хуманитарна помош и заштита на цивилите во Газа.
„Итно е потребен хуманитарен прекин на огнот“,
се вели во соопштението.
Лидерите, во соопштението, додаваат дека „каков било прекин на огнот не може да биде едностран“ и ги повторуваат повиците за ослободување на сите израелски заложници.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека Израел ќе започне офанзива против Хамас во Рафах откако цивилите ќе ја напуштат областа. Во близина на Рафах, на југот на Појасот Газа, на самата граница со Египет, има повеќе од еден и пол милион Палестинци бегалци од другите делови на енклавата.
Палестинците сè повеќе се во паника каде да избегаат и да се сокријат, со оглед дека градот на југ се граничи со Египет, а границата е затворена веќе со месеци.
Останува нејасно како и кога би се одвивала копнена офанзива, а таа неизвесност ја зголемува вознемиреноста кај Палестинците во Рафах за тоа каде да одат и што да прават.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху минатата недела ја упати војската да планира евакуација на населението од Рафах откако рече дека израелските одбранбени сили наскоро ќе влезат во Рафах, последниот бастион на Хамас.
Сепак, сè уште не е претставен планот за евакуација на владата.
Според Министерството за здравство на Хамас, од почетокот на војната, повеќе од 28 400 Палестинци, главно жени и деца, се убиени, а повеќе од 68 000 се ранети.