За повикот на Русковска до меѓународната заедница и европската обвинителка Лаура Ковеси да ги проверат сите предмети што ги работи нејзиното обвинителство и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминал, а кој прави криминал, Муареми одговара дека се придружува на него. Меѓутоа, како што вели, за меѓународната заедница да го провери нејзиното незаконско работење што го констатирал и државниот обвинител Љубомир Јовески

Јавните прозивки и обвинувања помеѓу шефовите на Управата за финансиска полиција (УФП) и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Арафат Муареми и Вилма Русковска, по претресот во УФП, продолжија и денеска. Директорот на финансиската полиција ѝ одговори на обвинителката дека одговорност за нејзиното самоволие мора да има.
Откако Русковска вчера рече дека е подготвена информациите што ги има нејзиното обвинителство и што ќе ги обезбеди за Муареми да ги сподели со јавноста, па таа нека суди кој е криминалец, а кој борец против криминалот, директорот на УФП во реакција вели дека ако таа располага со сознанија и информации за криминал што тој го направил, тогаш со јавноста нека сподели обвинителен акт, а не празни и неосновани информации.
„Улогата на еден јавен обвинител најмалку од сè е да изјавува дека ќе сподели сознанија и информации со јавноста за таа да суди кој е криминалец. Обвинителката Русковска како намерно да заборава дека криминалот се докажува во рамки на институциите, а граѓаните се тие кои им укажуваат доверба врз основа на нивната работа. Обвинителке, ако се земат последните анкети предвид, довербата на јавноста и не ви е многу наклонета. Оттука, ја повикувам Вилма Рускоска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна – истите да ги докаже и на јавноста да ѝ пласира обвинителен акт против мене, а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитирајќи ја во целост функцијата која ја извршува“,
вели Муареми.
Тој во реакцијата додава дека негонењето криминал поради притисоци е кривично дело, а за честа и угледот на обвинителната вели дека е беспредметно да коментира.
Во врска со повикот на Русковска меѓународната заедница и европската обвинителка Лаура Ковеси да ги проверат сите предмети што ги работи нејзиното обвинителство и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминал, а кој прави криминал, Муареми одговара дека се придружува на повикот. Меѓутоа, како што вели, за меѓународната заедница да го провери нејзиното незаконско работење што го констатирал и државниот обвинител Љубомир Јовески.
„Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за ’помош‘ – нека го потврдат и тие она што јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има“,
вели Муареми во реакцијата.
Изјавата на директорот на финансиската полиција доаѓа по вчерашниот повик на Русковска кон меѓународната заедница да реагира поради притисоци од негова страна.
Повикот на обвинителката, пак, дојде откако вчера Муареми најави дека ќе поднесе кривични пријави против шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и против уште две обвинителки (Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска) поради, како што тврди, незаконскиот претрес во УФП што беше направен на 18 јули.
Претресот во Управата за финансиска полиција беше извршен на 18 јули. Тогаш од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција рекоа дека станува збор за предмет оформен по пријава од граѓани.
Од Управата, пак, уште тогаш го квалификуваа претресот како непотребен и незаконски и обвинија дека станува збор за намерно инсценирани и неосновани напади кон нив кои доаѓаат од еден ист центар. Исто така, оттаму поднесоа и претставка до државниот обвинител за постапувањето на истражителите и обвинителите од обвинителството на чело со Русковска, како и до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје кој ја издал наредбата за претрес врз основа на барањето на обвинителството.
Од Јавното обвинителство потоа извршија надзор во постапувањето на нивните колеги од Обвинителството за гонење организиран криминал по што излегоа со извештај во кој констатираа низа забелешки. Меѓу нив беше и тоа дека во барањето за претрес до судот, обвинителството на Русковска навело дека има основи на сомнение за сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава.
„Покрај тоа, во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес се наведува дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот е констатирано дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава. Исто така, укажано е дека од содржината и наводите во кривичната пријава не произлегуваат дејствија за кривично дело примање награда за противзаконито влијание“,
беа дел од забелешките од јавното обвинителство за постапувањето на тимот на Русковска.
Таа, пак, му одговори на Јавното обвинителство на чело со Јовески дека државниот обвинител нема право да се меша во постапувањето по конкретен премер, а за тоа дали имало основи за издавање наредба за претрес одлучува судот, а не обвинителот.
Здружението на јавните обвинители денеска преку писмено соопштение реагира на отвореното писмо од јавната обвинителка Вилма Русковска упатено синоќа преку медиумите, во кое бара странски амбасади и меѓународни организации да реагираат поради присоци од директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми.
Истакнуваат дека Јавното обвинителство имало и има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации.