Мицкоски во реакцијата дека овој Закон би бил испратен на увид до Венецијанската комисија, меѓу другото, се понуди да ѝ помогне на власта во спроведување на овие законски измени со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња, и порача дека треба да се почне со затворање на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид
Наместо до Венецијанската комисија, Законот за здруженија треба да почне да се применува што поскоро, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи кој кажа дека ќе ѝ предложи на Владата овој Закон да биде испратен на увид во Венецијанската комисија за да се утври дали има содржи спорни елементи.
„ВМРО-ДПМНЕ предложи закон во парламентот, тој закон помина, тој закон е изгласан и тој закон треба да почне час поскоро да се применува“,
коментира Мицкоски.
Мицкоски, меѓу другото, се понуди да ѝ помогне на власта во спроведување на овие законски измени со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња, и порача дека треба да се почне со затворање на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
„Уште утре да го затворат клубот ‘Цар Борис’ во Охрид и да се укине регистрацијата на тој клуб, бидејќи тој клуб, очигледно и јасно ни е на сите, носи име на фашистички соработник. Односно, да бидам попрецизен, нацистички соработник, за време на Втората светска војна“,
рече Мицкоски.
Во однос на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој предложи Законот за здруженија да биде испратен на увид во Венецијанската комисија, Мицкоски вели оти дека Османи ја сфаќа дипломатијата како средство со кое се удоволуваат сечии интереси, а се загрозуваат македонските.
„Тоа е истиот оној Бујар Османи којшто во изминатиот период континуирано работи спротивно на интересите на македонскиот народ и на државата и го заплетка процесот. Го заплетка процесот со своите егзибиции на меѓународна политика, затоа што тој дипломатијата ја сфаќа да се удоволуваат интересите на сите, а да се загрозуваат интересите на македонскиот народ. И тоа погрешно поимање на политиката, тоа е погрешно поимање на дипломатијата“,
истакна Мицкоски.
Вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега Николај Милков во Софија изјави дека ќе ѝ предложи на Владата законот за здруженија да биде испратен до Венецијанската комисија за да се утврди дали има спорни елементи во себе, оти како што рече, биле оспорени некои прашања од самите законски измени.
За ова прашање денеска се произнесе и премиерот Димитар Ковачевски кој кажа дека според него, Законот за здруженија нема преголеми недоречености во себе, а дека без разлика дали тој ќе биде испратен на увид во Венецијанската комисија или не, тој е донесен со консензус од македонското Собрание.
Дополнително, Ковачевски додаде дека без разлика дали овој закон ќе биде испратен до Венецијанската комисија, сите закони ќе бидат разгледани во текот на билатералниот-скрининг кој ќе го имеме со ЕУ и потоа ќе претрпат одредени усогласувања со законодавството на ЕУ.
Според министерот за правда Никола Тупанчески, пак, испраќањето на Законот за здруженија до Венецијанската комисија е од превентивни причини во однос на примената на законските одредби усвоени од Собранието.