Според Тупанчески, оваа пракса на испраќање на закони на оценка до Венецијанската комисија треба да продолжи и во иднина, но како што кажа, тоа треба да се практикува пред носењето на самите закони за да може навремено да се реагира доколку постојат забелешки од страна на Комисијата
Министерот за правда Никола Тупанчески смета дека испраќањето на Законот за здруженија до Венецијанската комисија е од превентивни причини во однос на примената на законските одредби усвоени од Собранието.
Во оваа насока, министерот потенцира дека за да не дојде до евентуални несакани последици кои би довеле до пресуди од Европскиот суд за човекови права, мислењето на Венецијанската комисија во однос на овој Закон е добредојдено.
„Европската пракса покажа дека закон може да биде проверен и по неговото донесување. Мислењето на Венецијанската комисија е добредојдено. Исходот не можеме да го прејудицираме. Можеби ќе оди во наш прилог“,
потенцира министерот.
Според него, оваа пракса на испраќање на закони на оценка до Венецијанската комисија треба да продолжи и во иднина, но како што кажа, тоа треба да се практикува пред носењето на самите закони за да може навремено да се реагира доколку постојат забелешки од страна на Комисијата.
„Подобро да се реагира во таа фаза отколку кога ќе биде донесен законот па после да добиеме пресуда од Европскиот суд за човекови права”,
додаде министерот за правда Никола Тупанчески одговарајќи на новинарски прашања.
Вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега Николај Милков во Софија изјави дека ќе ѝ предложи на Владата законот за здруженија да биде испратен до Венецијанската комисија за да се утврди дали има спорни елементи во себе, оти како што рече, биле оспорени некои прашања од самите законски измени.
За ова прашање денеска се произнесе и премиерот Димитар Ковачевски кој кажа дека според него, Законот за здруженија нема преголеми недоречености во себе, а дека без разлика дали тој ќе биде испратен на увид во Венецијанската комисија или не, тој е донесен со консензус од нашето Собрание.
Дополнително, Ковачевски додаде дека без разлика дали овој закон ќе биде испратен до Венецијанската комисија, сите закони ќе бидат разгледани во текот на билатералниот-скрининг кој ќе го имеме со ЕУ и потоа ќе претрпат одредени усогласувања со законодавството на ЕУ.
Инаку, пратениците и од власта и од опозицијата неодамна без ниту еден глас против, ниту воздржани со 67 гласови „за“ ги изгласаа измените на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и Законот за политички партии, поднесен од СДСМ, со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња.
Предложените законски измени на двете партии уследија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.
Со усвоените измени, сите досега формирани здруженија и фондации, како и политички партии, имаат рок од три месеци да се усогласат со новите законски измени.