Дали ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе го има мнозинството во Советот на Град Скопје, пак, партискиот лидер потсети дека тие имаат свој претседавач, но вели дека тоа е флуидна работа и денеска имате – утре немате. Тој рече и дека жали што градоначалничката не успеала да ги искористи капацитетите на Златко Перински кого Арсовска го разреши од директор на „Водовод и канализација“ тврдејќи дека имало обиди за влијание во тендер за пречистителна станица
Едноставно некогаш патиштата во животот може да ви се разидат, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во коментар за последните случувања и односот со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, откако беа разрешени директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински, и генералниот секретар на Градот, Ѓоко Велковски, двајцата кадри на партијата.
„За мене е важно Скопје да се развива и затоа поддржавме независен кандидат. И во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се такви какви што сте ги имале, и од едната и од другата страна. И тогаш едноставно патиштата во животот може да ви се разотидат на различни страни. Важно е патот на ВМРО-ДПМНЕ да биде вистинскиот, а тоа е Скопје да биде метропола онаква каква што заслужува да е и преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Градот Скопје така ќе продолжиме да делуваме“,
рече Мицкоски кој на локалните избори во октомври лани со својата партија ја поддржа кандидатурата на Арсовска.
За тоа дали ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе го има мнозинството во Советот на Град Скопје, пак, партискиот лидер потсети дека тие имаат свој претседавач, но вели дека тоа е флуидна работа и денеска имате – утре немате.
„Што се однесува до мнозинството, ВМРО-ДПМНЕ има претседавач, Трајко Славевски е таму, имаме мнозинство но тоа се флуидни работи, денеска имате – утре немате. Тоа не е голема греда, важно е политиките да ви се чесни, принципиелни и во насока на тоа за што се залагате“,
рече Мицкоски.
За тоа како ќе продолжат понатаму тој рече „како и досега“, односно дека секој проект што е за доброто на Скопје, без разлика дали го предлага актуелното мнозинство или Арсовска, советниците од ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржат, а нема да гласаат за тие проекти што не се во насока на добрите политики.
За потсетување, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата во Град Скопје има 18 советнички места, меѓу кои едно место го пополнува советник од ГРОМ на Стевчо Јакимовски, доскорешниот коалициски партнер со кого исто така им се разотидоа патиштата поради несогласувања во Општина Карпош.
Од останатите партии Левица има четири советници, а опозициската Алијанса за Албанците/Алтернатива, кои се поддржуваа со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори имаат двајца советници.
СДСМ со коалицијата, пак, имаат 12, додека ДУИ четири. Две советнички места ѝ припаѓаат на коалицијата Одлучно за промени (ДОМ и ЛДП), а исто толку има и од независната листа на Зелен хуман град.
Мицкоски жали што Арсовска не го искористила потенцијалот на Перински
Лидер на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарски прашања, ги коментираше и причините за разрешувањето на директорот на „Водовод и канализација“ Златко Перински и на генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, велејќи дека апсолутно ги поддржува и не верува во обвинувањата за несовесно работење во врска со тендер за пречистителна станица.
„И Ѓоко Велковски и Златко Перински имаат моја апсолутна недвосмислена поддршка бидејќи верувам во нивниот чесен карактер и чесно работење и тие секако остануваат дел од плановите на ВМРО-ДПМНЕ и мои лични и во иднина. Што се однесува до Перински, можам да кажам дека тој постигнува исклучително високи финансиски резултати во работењето, во првиот квартал има зголемена добивка споредено со минатата година, за 50 милиони денари поголема наплата. Тоа се резултати кои се навистина за почит. Јас би само посакал да имам таков работник, но за жал некој не успева да ги искористи нивните капацитети“,
рече Мицкоски.
За конкретниот тендер за пречистителна станица вреден 136 милиони евра, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека станува збор за набавка од 2019 година кога градоначалник беше Петре Шилегов и оти тоа е проект финансиран од Светската банка и Европската инвестициска банка зад која стои државата и огромна компонента на грант и кредит, па затоа не верува дека некој е толку моќен да влијае во овие две меѓународни институции.
„Од тоа што знам е дека од страна на финансиерот, Светска банка и Европската инвестициска банка, сите документи се доставени без приговор. Е сега ако некој може и има толкава моќ да влијае и врз Светската и врз Европската инвестициска банка, тогаш јас би му честитал јавно ако е толку моќен. Јас во името на овие луѓе не гледам таков човек кој може така да влијае. Ова е сериозен проект и апелирам до новиот директор овој проект да го заврши затоа што е битен за скопјани, затоа што Скопје за жал е град кој сè уште нема прочистување на отпадните води и затоа имаме чувство на реа, миризба од реката Вардар, и затоа што, како што јас сум информиран, тоа е проект кој е поврзан со евроинтегративните процеси“,
рече Мицкоски.
За сомнежите околу овој тендер за пречистителна станица, пак, од кабинетот на Арсовска претходно во објаснувањето за разрешувањето кратко посочија дека имало обиди влијание, самоволие и несоодветно постапување.
„Град Скопје го разреши Златко Перински, в.д директорот на Јавното претпријатие ’Водовод и канализација‘, поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер. Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен во петокот на 09.09.2022 година“,
рекоа оттаму.
Слично објаснување дадоа и за досегашниот генерален секретар Ѓоко Велковски, кој, пак, објави дека самиот си поднел оставка поради разочараност и несоработка со градоначалничката.