Министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, во „360 степени“ на МРТ 1 одговараше на прашања за одржливоста на ПИОМ во услови кога од 2,4 милијарди евра годишно за пензии, од придонеси на плата се собираат само 1,4 милијарди

360°: Министре Велковски, на крај целата дебата за пензискиот систем се сведува на прашањето за одржливоста, односно стабилноста на првиот столб, на државниот столб. Треба ли да го поставуваме прашањето колку е тој сигурен и стабилен, со оглед на тоа што ако се види во моментот на годишно ниво, трошокот за пензии е околу 2,4 милијарди евра, така?
Велковски: Така.
360°: Од нив околу 1,4 милијарди ќе се соберат од придонеси, тоа е проекцијата, а околу една милијарда евра е дупката, односно надоместот којшто го плаќа државата. И ако се спореди, на пример, со 2023 г., тогаш дупката била 510 милиони евра, сега е 1 милијарда евра. Пораснала прилично. Таа е резултат делумно и на вашите политички одлуки за линеарно зголемување на пензиите – за 7 000 денари ги зголемивте пензиите во изминатиот период. Треба ли да стравуваме за одржливоста на првиот столб?
Велковски: Не, првиот столб, точни се бројките, така се, меѓутоа фактот дека говорењето на тоа што се интервенираше во пензиите на повеќе од две третини кај нашите сограѓани каде што беа не под минимум или под минимална пензија – буквално знаете дека луѓето живееја со 12, 13 или 14 илјади денари пензија. И таа интервенција беше потребна бидејќи граѓаните на крајот од денот треба да имаат квалитетен живот. Тоа беше првата и клучната одлука. Да, точно се направи одреден така дефицит, ќе кажам условно, во буџетот на системот на ПИОМ. Тука придонесе и постојаниот одлив на кадар, онаа флуктуација во шест месеци надвор од Македонија коишто работат нашите сограѓани, нели, и заминуваат и се враќаат, бројот на пријавени со односот на платата минимална или повисока, и сето тоа влијаеше денеска државата одвојува на годишно ниво околу 60 милијарди денари за да се досубвенционираат пензиите. Тие ќе бидат, секогаш кога државата е гарант позади ова и стои како таква, ќе бидат исплатувани на време како што беше и изминатите две и пол години, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт и оваа влада функционира – на први буквално ги добиваат нивните пензии. Така ќе продолжи понатака. Затоа говорев и претходно за зајакнување на самиот систем, каде што ќе сакаме со сите овие чекори и реформи што сакаме да ги направиме, да го намалиме токму овој дефицит, да можеме овие средства коишто денеска ги даваме на нашите сограѓани по основ на пензии да бидат наменети за нешто друго.
360°: Креиравте очекувања на страната на пензионерите, факт е тоа, бидејќи еднаш 2 500, втор пат 2 500 ,па уште две илјади денари – вкупно 7 000 линеарно зголемување на пензиите. Е сега, последното зголемување на 1 септември решивте да биде процентуално, а не линеарно. И гледаме има реакции. Па луѓето велат – зошто така, сега оние со големи пензии пак ќе добијат големо зголемување, а оние со помали остануваат со помало зголемување?
Велковски: Кога интервениравме првите неколку пати направивме корекција на ова што го говорев и претходно, на оние пензионери коишто за жал системот ги оставил со толку ниски пензии поради сите пресметки, стажот нивни којшто не бил признаван заради икс причини, знаеме така транзиција во тие периоди, баш тие се тие пензионери, сега денеска во овој систем. И затоа беше таа интервенција на линеарното зголемување, бидејќи ако тогаш одевме со тој процентуален износ, повторно ќе беше само високите да растат за голем процент, а малите пензии за жал за 200-300 денари, толку ќе беше, ако одевме и тогаш со процентуално зголемување.
360°: Иако има аргументи за тоа – не плаќале сите еднакво во текот на работниот век.
Велковски: Точно, меѓутоа нашиот систем во Македонија по многу основи е солидарен, нели, и така е и направен и пензискиот – да биде солидарен, да можеме сите да имаме на крајот од денот, сите пензионери да имаат поквалитетен живот. Зошто денеска е вака направена? Остана постоечкото законско решение…

360°: Тоа што претходната влада го утврди како формула.
Велковски: Го утврди како формула, да, истото тоа коешто тогаш и истото беше преземено по основ на тоа бидејќи денеска веќе пензиите, коишто до вчера биле 14 000 денари, денеска веќе имаме 22 000 денари пензија. На тој процент денеска, на оваа формула којашто денеска може да пресметаме, ќе биде е подобро решение за буквално подобар процент на износ на средства коишто ќе ги земат пензионерите, отколку да интервениравме повторно со 1.000 денари линеарно, бидејќи немаше да биде ни толку. Еве за граѓаните, бидејќи од купчето на средства којшто нели по овој процент од 3, денеска толку ќе биде зголемувањето на септемвриската пензија земена на први октомври, тие 3 проценти од купчето пари кога ќе се издвојат немаше да биде доволно.
360°: Ако требаше линеарно зголемувањето, колку ќе беше?
Велковски: Ако требаше да биде линеарно, денеска ќе земеа под 700 денари пензионерите. Така што денеска веќе тие со 22, 25 илјади денари пензија земаат многу повеќе од тоа.
360°: Имате одлука како ќе биде на 1 март кога следува следното усогласување на пензиите?
Велковски: Не, тоа ќе биде дополнително, да заврши ова сега, па до 1 март веќе има време да се дебатира каков модел и кој систем ќе се примени.
