Претседателот на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ), Маријан Николовски, вели дека оние што се вработиле по 2006 година, кога започна системот за капитално финансирано пензиско осигурување, веќе имаат околу две децении стаж во двата столба и токму тие ја сочинуваат генерацијата која во иднина ќе ја промени статистиката и ќе го намали притисокот врз ПИОМ

Државниот пензиски фонд (ПИОМ) ќе почувствува значително растоварување за 20 до 25 години, кога се очекува половина од вкупниот број пензионери во државата да примаат пензија и од вториот пензиски столб, a во поблиска иднина, односно во следните пет до десет години, бројката на корисници на двостолбната пензија ќе достигне околу 10 отсто од вкупниот број пензионери, вели Марјан Николовски, претседател на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ) во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Николовски вели дека оние што се вработиле по 2006 година, кога започна системот за капитално финансирано пензиско осигурување, веќе имаат околу две децении стаж во двата столба и токму тие ја сочинуваат генерацијата што во иднина ќе ја промени статистиката и ќе го намали притисокот врз ПИОМ.
Во однос на пресметките на пензиите во првиот и во вториот столб, вели оти зависат од вкупниот работен стаж, од просекот на платите, а кај вториот столб зависи и од приносот што ќе се остварува во иднина – параметри што од денешна гледна точка, како што рече, ни се непознати.
„Она што е позитивен аспект на транспарентноста кај вториот столб е што секој член може во секое време да има увид во состојбата на својата индивидуална сметка и преку дигитални алатки и преку редовното годишно известување коешто го испраќаме ние како пензиско друштво. Покрај тоа, преку висината на придонесот којашто ја гледа како трансакција на својата сметка, може да утврди дали е пријавен на реално остварената плата“,
вели Николовски.
Тој додава дека кога таа акумулација односно висина на пензиска заштеда би се споредила во тековната со претходната година или неколку години наназад, ќе може автоматски да се направи и лична интервенција доколку граѓаните сакаат поголем износ на пензиска заштеда, но не директно во вториот столб, туку преку третиот столб, каде што секој може доброволно од сопствени средства да доплаќа на своја доброволна индивидуална сметка.
Николовски вели оти е точно дека средствата на индивидуалните сметки во вториот столб се личен имот, но тоа е наменски личен имот кој служи за исплата на редовен приход по пензионирањето, но и оти со двостолбниот систем се создава извор на приходи од ПИОМ и паралелно од вториот столб, што значи дека тоа не се средства кои можат веднаш по пензионирањето да се подигнат затоа што постои ризик за ненаменско користење односно пребрзо искористување на тие средства, а целта на пензијата е да гарантира материјална сигурност до крајот на животот.
