Осигуреникот ќе може да избере едно од три портфолија – растечко, балансирано или конзервативно. Изборот ќе зависи од возраста, односно осигуреник до 45 години би можел да избере растечко или балансирано портфолио, осигуреник од 45 до 57 години би можел да избере растечко, балансирано или конзервативно портфолио, а осигуреник на возраст над 57 години би можел да избере балансирано или конзервативно портфолио, рече министерот за социјална политика Ѓоко Велковски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, кажа дека сè уште се во тек анализите за тоа колку е целисходно постоењето на втор пензиски столб и што треба да се прави со него. Велковски рече дека се работи за три анализи, независни една од друга – на Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и владина работна група.
По сугестија на меѓународните финансиски институции, се анализира потенцијално зголемување на старосната граница за одење во пензија.
Велковски: Светска банка и ММФ повеќе во делот на тоа што препорачуваат, бидејќи, нели, они препорачуваат, они прават анализа на системите каде што се присутни и препорачуваат кои мерки би придонеле за постабилен пензиски систем. Монетарниот фонд и Светска банка извадија дополнителни анализи каде што препорачуваат она коешто беше дебата во изминатите неколку месеци – дали да се покачи старосната граница кај нас, во Македонија, односно 62 за жени, 64 за мажи, што е на сила, дали таа треба да биде покачена. Нивната препорака е таа граница да се покачи и кај мажите и кај жените.
„360 степени“: И сега – што е ставот на Владата на оваа тема?
Велковски: Директно ја префрливме, зборувам како што ја видовме анализата, директно ја префрливме во работна група за таму да ги видиме комплетно, бидејќи не е еден сегмент само овој кога говориме, нели, за старосната граница да се покачи. Тука се и сите други параметри. Затоа ја вклучивме оваа анализа којашто ја дале Светската банка и ММФ да се анализира од страна на работната група што да се предложи на Влада за да биде прифатливо како модел во Македонија којшто ќе биде применлив и добар пред сè за граѓаните.

Според Велковски, откупот на стаж и мултифондовите се темите за кои владината работна група веќе има излезено со предлози.
Велковски: Таа (н.з. работната група) е составена, само еве за гледачите, од претставници на Министерството за социјална политика, претставници на Министерството за финансии, Пензискиот фонд и МАПАС, независното тело коешто врши контрола и други претставници, односно стручни лица од страна на Владата коишто ги номинирала, и тие заедно, бидејќи тие се институциите коишто, нели, се надлежни за сите законски, подзаконски акти и процеси на влијание во Македонија.
360°: Зошто МАПАС имаше забелешка дека не се членови на групата?
Велковски: Членови се на работната група. Членови се на работната група и се присутни и комуницираме постојано, така што сме во тек. По однос на тоа, работната група веќе извади неколку предлози, коишто дел ги доработува, дел веќе се во владина процедура.
360°: А тоа се?
Велковски: Тоа што веќе е во владина процедура е откупот на стаж, којшто ќе биде како законско решение. И втората е во делот на мултифондовите, односно ова што е капиталното осигурување, нели, да се промени малку моделот на ова коешто го говоревме претходно, односно начинот на вложување. Тие две веќе се во владина процедура. Останатите се доанализираат, односно ќе се предложат до крајот на годината – тоа е семејната пензија плус работа, пензија плус работа како модели коишто денеска, за жал, на пензионерите не им се дозволува, нели, коишто отишле во пензија да работат, да бидат пријавени на своите работни места. Така што, како модели ги предлагаме со конкретни мерки и активности за да дадат придонес во самиот систем.
Според предлогот за т.н. мултифондови, при потпишување договор за членство со друштвото што управува со избраниот задолжителен пензиски фонд, осигуреникот ќе може да избере едно од три портфолија – растечко, балансирано или конзервативно.
Изборот на портфолио ќе зависи од навршените години на живот, односно, осигуреник на возраст до 45 години би можел да избере растечко или балансирано портфолио, осигуреник на возраст од 45 до 57 години би можел да избере растечко, балансирано или конзервативно портфолио, а осигуреник на возраст над 57 години би можел да избере балансирано или конзервативно портфолио.
Според овој предлог, ако осигуреникот самиот не избере портфолио или избере портфолио што не е во согласност со правилата, друштвото задолжително го распределува во портфолио согласно следните правила:
а) осигуреник на возраст до 45 години на живот во растечко портфолио;
б) осигуреник на возраст од 45 години до 57 години на живот во балансирано портфолио и
в) осигуреник на возраст над 57 години на живот во конзервативно портфолио.
