За разлика од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои здружено ја напуштија собраниската сала при донесувањето на Законот за попис, на вчерашниот состанок, во истата сала, на државниот врв со локалните власти, присуствуваа и опозициски градоначалници, како Јанчев од Кавадарци
Нема разлика дали предлог-законот за поништување на Законот за попис ќе го поднесе само еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ или 10 илјади избирачи, туку прашањето е дали ќе има мнозинство за негово евентуално донесување
Од најави за непризнавање на пописот, уште пред да биде донесена регулативата за попишување, преку повици за негово одложување, предупредувања за здравствените ризици поради ситуацијата со ковид-19, барања за набавка на терминали и најави за собирање граѓански потписи за поништување на операцијата…до повици за масовно попишување, согласно со постоечката регулатива…
Со вакви ставови настапува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изминатите неколку месеци, отако новата влада на СДСМ и на ДУИ го врати пописот во агендата, по неговото одложување (на што инсистираше и опозицијата), иако требаше да се спроведе минатата година.Наместо во април 2020, пописот беше одложен за април 2021, за да може да се одржат предвремените парламентарни избори.
Вака како што е конципиран пописот нема да го признаеме, изјави Мицкоски кон крајот на минатата година, додека во Комисијата за европски прашања, а потоа и во парламентот течеше расправата за Законот за спроведување на пописот во април годинава.
Мицкоски тогаш го испорача и барањето за отпечаток од прст, но и најави дека следната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе „кредибилен попис, кој вистински ќе биде статистичка, а не политичка операција“.
Еден месец подоцна, откако Собранието го изгласа Законот за попис , без учество на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, практично, најави дека е подготвен и на попис според донесената регулатива. И, иако претходно изјавуваше дека не може да им сугерира на граѓаните дали да се попишат, сега вели дека, планира да испрати апел за попишување на сите граѓани, вклучително со оние во дијаспората. Сепак, тој се надева дека Собранието ќе го донесе законот за поништување на Законот за попис, за што ВМРО-ДПМНЕ собира најмалку 10 илјади граѓански потписи.
„Не очекувам дека има таков политичар во парламентот кој ако се потпишат над 100 000 граѓани истите нема да ги смета. Ако тоа некој го одлучи значи дека директно прифаќа партиска наредба. И ако тоа не е политизација и партизација на операција која треба да биде статистичка не знам што е. Тогаш првиот чекор ќе биде апел до сите граѓани и македонската дијаспора и до сите оние кои имаат недоверба на овој процес да се попишат, да се пријават и да се попишат. Само така ќе оставиме траг во системот, која ќе биде ревидирана од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку една единка постои со фалсификат матичен број ние ќе организираме вистински електронски попис, кој ќе даде одговор на прашањето каква е демографијата во Македонија“,
изјави Мицкоски во интервју на Канал 5.
Откако парламентарното мнозинство, со поддршка на опозициската колаиција Алијанса/Алтернатива, обезбеди 62 гласа за донесување на Законот за попис, во пол ек се подготовките за спроведување на операцијата, додека ВМРО-ДПМНЕ паралелно собира потписи за поништување на регулативата за пописот, што би значело и „суспендирање“ на операцијата.
Но, за разлика од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои здружено ја напуштија собраниската сала при донесувањето на Законот за попис, на вчерашниот состанок, во истата сала, на државниот врв со локалните власти, присуствуваа и опозициски градоначалници.
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, потврди за „360 степени“ дека бил на средбата во Собранието. За другите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ (Зрновци, Илинден, Петровец и Сопиште), Јанчев рече дека не може да потврди дали биле на состанокот, поради бројното присуство и носењето маски.
За разлика од другите четири општини во кои ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници, Кавадарци, како урбана општина, е една од оние кои покриваат пописен регион.
Јанчев вели дека го поддржува пописот, а во однос на Законот вели дека обврска на Собранието е да го донесе, додека негова обврска како градоначалник е да го почитува и да постапува согласно со одредбите.
„Незамисливо е цели 19 години да немаме попис на населението. Значи последното попишување било кога јас сум имал 19 години и само што сум станал полнолетен. Да не зборуваме колку се важни статистичките и демографски податоци што ќе произлезат од пописот“,
вели градоначалникот на Кавадарци.
Што се однесува до иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи за поништување на Законот за попис, соговорници од парламентарното мнозинство посочуваат дека, формално, нема разлика дали предлогот ќе го поднесат само еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, целата пратеничка група или група избирачи. Еден пратеник е овластен предлагач на закон исто како што се и 10 илјади избирачи. Но дали предлог-законот ќе биде донесен зависи од тоа дали ќе се обезбедат мнозинство гласови во законодавниот дом.