За инцидентот во М-НАВ, кој предизвика бура реакции во јавноста и беше повод за вонредни контроли во оваа државна институција, се осомничени вкупно осум лица, меѓу кои и шефот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири. Нему и на уште еден од осомничените – Алмир Рамдедовиќ – првично им беше одредена мерка куќен притвор, која кон крајот на минатиот месец беше укината од Апелацискиот суд Скопје откако двајцата се жалеа на одлуките на Кривичен
Основниот кривичен суд Скопје им ги укина мерките притвор и куќен на притвор на шестмина од осомничените за упадот во Македонската навигација (М-НАВ) што се случи на 4 јануари заменувајќи ги со мерки за претпазливост.
Одлуката, како што соопштија попладнево од Кривичен, е донесена по предлози на Основното јавно обвинителство Скопје кои денеска биле доставени до Судот.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлози за укинување на мерките за обезбедување присуство, односно мерките притвор и куќен притвор, за шест лица осомничени за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 став 2 во врска со член 22, а поврзани со случувањата од 4 јануари во М-НАВ, и определување на мерки за претпазливост“,
се наведува во соопштението од скопскиот Основен кривичен суд.
На тројца од осомничените им е укината мерката куќен притвор, додека преостанатите тројца повеќе нема да издржуваат ефективен затворски притвор. Наместо притворите, според одлуките на судиите на претходна постапка кои ги разгледувале предлозите на ОЈО Скопје, на осомничените им е одредена забрана да го напуштаа живеалиштето, односно населеното место во кое живеат според лична карта, одземање на пасошите, како и обврска да се јавуваат Судот.
„Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител, а ценејќи ги приложените факти, судиите на претходна постапка, го прифатија предлогот на Јавниот обвинител и донесоа решенија со кои за А.О., Р.Б. и Љ.Ќ. ја укинаа мерката куќен притвор, додека за С.Ш., О.А. и Е.С. ја укинаа мерката притвор и им определија мерки за претпазливост од член 146 став 1 точки1,2,3 и 6 односно, забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, обврска обвинетиот да се јавува во судот и забрана за приближување или воспоставување врска со одредени лица“,
информираат од Кривичен.
Против овие решенија, како што додаваат оттаму, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на Судот.
Инаку, за инцидентот во М-НАВ, кој предизвика бура реакции во јавноста и беше повод за вонредни контроли во оваа државна институција, се осомничени вкупно осум лица, меѓу кои и шефот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири.
Нему и на уште еден од осомничените – Алмир Рамдедовиќ – првично им беше одредена мерка куќен притвор, која кон крајот на минатиот месец беше укината од Апелацискиот суд Скопје откако двајцата се жалеа на одлуките на Кривичен.
И ним, како и на останатите шестмина сега, Апелација им одреди мерки на претпазливост.
„Судот, ценејќи ги доказите приложени кон доставениот предлог за определување на мерка притвор, а имајќи предвид дека единствен доказ кој се однесува на осомничените е потврдата за привремено одземени предмети, како и наводите во изјавената жалба на ОЈО Скопје против Решението на судијата на претходна постапка и образложението на обжаленото решение, оцени дека во истите не се приложени докази, ниту се истакнати факти и околности кои укажуваат на реална опасност од бегство на осомничените, страв од попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, ниту се наведени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, а имајќи ги предвид личните прилики на осомничените и нивното однесување по сторување на кривичното дело за кое се сомничат“,
соопштија на 26 јануари од Апелација.
Оттаму тогаш наведоа и дека при одлучувањето Судот ги имал предвид и дадените предлози на Вишото јавно обвинителство Скопје со кои се предлага да се уважат жалбите на осомничените.