Детали за инспекцискиот надзор во Македонската навигација, кој траеше околу две недели, а завршува денеска и се очекува да бидат соопштени следната недела, кога ќе бидат комплетирани целокупните извештаи од надзорот
Државниот инспекторат за труд (ДИТ), чии инспектори вршеа надзор во М-НАВ по инцидентот кој таму се случи на почетокот на јануари, утврдил одредени неправилности. Ова во изјава за МИА го изјави директорката на Трудовиот инспекторат, Весна Томовска, но не кажа какви точно неправилности се утврдени.
Детали за инспекцискиот надзор во Македонската навигација, кој траеше околу две недели и завршува денеска, се очекува да бидат соопштени следната недела, кога ќе бидат комплетирани извештаите од надзорот.
„Колегите работеа секој ден до 20 часот, а надзорот завршува денеска“,
вели Томовска во изјавата за МИА.
Директорката на ДИТ додава дека инспекторите имаат добиено и четири претставки од кандидатите за вработување на огласите во М-НАВ, кои биле детално разгледувани. Надзор е извршен и во Агенцијата за вработување, а беше проширен и надзорот околу работата на Синдикатот при М-НАВ.
Покрај инспектори од Трудовиот инспекторат, во М-НАВ на почетокот на јануари влегоа и инспектори од Управата за финансиска полиција за да извршат проверки на целокупното финансиско работење на акционерското друштво.