Контролата и увидот во работењето на М-НАВ, како што информираат, се прават врз основа на направен извештај
Инспектори од Управата за финансиска полиција денеска се во Македонската навигација каде што се вршат проверки на целокупното финансиско работење на ова акционерско друштво, потврдуваат од М-НАВ за МИА.
Контролата и увидот во работењето на М-НАВ, како што информираат, се прават врз основа на направен извештај.
Денешните проверки во М-НАВ од Управата за финансиска полиција ги најавија во петокот, по инцидентот што се случи претходниот ден кога неколку непознати лица упаднале во објектот на Македонската навигација предизвикале вербална расправија и нападнале дел од вработените.
Во врска со упадот во М-НАВ се осомничени осум лица меѓу кои и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ во Чаир.
На денешната седница Владата заклучи да му препорача на Надзорниот одбор на М-НАВ од должноста членови на Управниот одбор да ги отповика Фахрудин Хамиди, кој е воедно и извршен директор, и Љубе Стаменковски, секторски извршен директор.
Владата ги предлага Илир Мемеди и Милан Кораќ за нови директори на М-НАВ.
На денешната седница, на која како точка на дневен ред се најде состојбата во М-НАВ, не било предложено разрешување на членот на Управниот одбор и директор на М-НАВ, Хасим Деари.