Во однос на кривичните пријави што СДСМ ги поднесе против министерот за здравство Сашо Клековски и директорите на повеќе здравствени институции, премиерот рече дека тоа е демократско право на секоја политичка партија, но вели оти е зачуден зошто СДСМ никаде во своите соопштенија не го споменува, како што рече, првоповиканиот во случајот – градоначалникот на Општина Гостивар
Јас инсистирам да се објави извештајот. Ова е одговорот што премиерот Христијан Мицкоски денеска го даде на новинарско прашање во врска со барањата на опозицискиот СДСМ – јавно да биде објавен извештајот со кој се гарантира дека водата од гостиварскиот водовод е исправна за пиење.

Во однос на кривичните пријави што СДСМ ги поднесе против министерот за здравство Сашо Клековски и директорите на повеќе здравствени институции, обвинувајќи ги за состојбата со водата во Гостивар, Мицкоски рече дека тоа е демократско право на секоја политичка партија, доколку таквиот потег го смета за добра и корисна стратегија во своето политичко дејствување. Од друга страна, вели дека е зачуден зошто СДСМ никаде во своите соопштенија не го споменува, како што рече, првоповиканиот во случајот – градоначалникот на Гостивар.
„Кога велам зачуден, тоа го кажувам, се разбира, иронично, бидејќи нормално е дека истата оваа политичка партија нема да го спомене него, затоа што го поддржа за време на локалните избори во Гостивар. А сите знаат дека надлежност и право во случајот има општинското јавно комунално претпријатие“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Додаде дека истрагата на Обвинителството за случајот со Гостивар, во рамки на која се приведени три лица, е сè уште во тек и може да придонесе, како што рече, да се откријат и други лица кои биле вклучени во овој случај.
„Зачуден сум зошто истите тие социјалдемократи по допрен глас во минатото имаа да речеме и други извештаи за неквалитетна вода во Гостивар, но и во други општини низ Македонија како Прилеп, Крушево итн., кога некои други биле министри и директори. Зошто не поднесат кривични пријави против нив, бидејќи тие ништо не преземале? Оваа Влада презема од првиот момент кога доби таков извештај. Направи една робусна акција, го прочисти системот и повторно го врати во владение на Општина Гостивар и во рацете на комуналното претпријатие кое ја дава оваа услуга. Мислам дека им е погрешна стратегијата, но во ред, тие си знаат најдобро“,
додаде Мицкоски.
Откако надлежните во петокот објавија дека водата од градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење, опозицискиот СДСМ побара Владата јавно да го објави целосниот извештај и анализите за водата, оценувајќи дека по целиот случај, несериозно и неодговорно е од граѓаните повторно да се бара да веруваат само на изјави.
