Од иницијативата бараат доследна примена на законите, навремена и ефикасна заштита на жртвите, подобра процена на ризикот, како и одговорност од службениците кои не постапиле соодветно во случаи на пријавено насилство
Граѓанска блокада пред Владата ќе се одржи денеска во 13 часот, во организација на иницијативата „Ниту една повеќе“, како протест против фемицидите, родово базираното насилство и институционалните пропусти во заштитата на жените.
Ова следи по случајот со 26-годишната охриѓанка, која изминатиот викенд беше претепана од својот 31-годишен партнер, против кого е поднесено обвинение за три кривични дела и му е одреден 30-дневен притвор.

Блокадата, како што велат од иницијативата, е организирана по убиството на осум жени во период од неполни три месеци.
Организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат на протестот и да побараат одговорност од институциите за пропустите во постапувањето по пријавите за насилство.
Со акцијата сакаат да укажат дека насилството врз жените не е изолиран проблем, туку последица и на системски пропусти во превенцијата, заштитата и институционалното постапување.
Се бара доследна примена на законите, навремена и ефикасна заштита на жртвите, подобра процена на ризикот, како и одговорност од службениците кои не постапиле соодветно во случаи на пријавено насилство.
Блокадата пред Владата е дел од пошироките активности на граѓанските иницијативи за подигање на свеста и барање конкретни институционални мерки против фемицидите и насилството врз жените.
