Оттаму велат дека освен петте лица за кои претходно информирале, бил поднесен предлог за определување мерка притвор за уште три лица. За двајца осомничени, судијата на претходна постапка определи мерка куќен притвор, на која обвинителството веќе вложи жалба, додека за третиот осомничен се очекува одлуката на Судот по предлогот на надлежниот обвинител
Приведени се сите осуммина осомничени за упадот во Македонската навигација (М-НАВ), соопштија вечерва од Основното јавно обвинителство.
„Во врска со предметот за случувањата во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје ја известува јавноста дека до овој момент лишени од слобода се сите осум лица опфатени со Наредбата за спроведување истражна постапка за кривично дело – Загрозување на воздушниот сообраќај“,
пишува во соопштението од ОЈО.
Оттаму велат дека освен петте лица за кои претходно информирале, бил поднесен предлог за определување мерка притвор за уште три лица.
„За двајца осомничени, судијата на претходна постапка определи мерка куќен притвор, на која обвинителството веќе вложи жалба, додека за третиот осомничен се очекува одлуката на Судот по предлогот на надлежниот обвинител“,
велат од ОЈО.
За петтиот од осумтемина осомничени за упадот во М-НАВ, Кривичниот суд Скопје денеска ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство и наместо мерка куќен притвор му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
За настанот во М-НАВ кој се случи на 4 јануари и предизвика бура во јавноста, Обвинителството отвори истрага против осум лица, кои се товарат за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Четири лица кратко по инцидентот се најдоа во полициска станица, а од 11 јануари се наоѓаат во куќен притвор, додека останатите четворица беа во бегство и полицијата трагаше по нив по распишана интерна потерница.
Меѓу четворицата за кои Судот му определи мерка домашен притвор е и Беким Незири, ексминистер, актуелен претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и вработен во М-НАВ.