Сојузници на Болсонаро изјавиле за „Метрополес“ дека тој треба да слета на Флорида во вторник попладне по локално време и дека планира да побара политички азил

Сенаторот од крајната десница Флавио Болсонаро наводно побегнал од Бразил и е на пат кон Соединетите Американски Држави откако на претседателските избори во неделата загуби од левичарскиот кандидат и актуелен претседател Луиз Инасио Лула да Силва, пишува „Гардијан“.
Како што се додава во написот, во извештај на информативниот портал „Метрополес“ (Metrópoles), кој се повикува на лица блиски до семејството на политичарот, се наведува дека тој е на пат кон САД.
„Авионот е во лет“,
објави „Метрополес“ без да прецизира од каде полетал.
Сојузници на Болсонаро изјавиле за „Метрополес“ дека тој треба да слета на Флорида во вторник попладне по локално време и дека планира да побара политички азил.
„Администрацијата на Доналд Трамп е известена“,
додава порталот.
Сојузниците исто така потврдија за весникот „Фолја де С. Пауло“ дека тој е на пат кон САД, додавајќи дека планот за бегство бил организиран и овозможен од адвокат близок до кланот Болсонаро.
„Велат дека авионот би требало да слета за неколку часа“,
додава весникот.
Медиумската мрежа Си-ен-ен Бразил објави дека Болсонаро, заедно со сопругата и двете ќерки, побегнал во САД во раните утрински часови.
Пратеници од Работничката партија (PT) на Лула побараа од Врховниот суд да нареди апсење на Болсонаро, како и неговото име да биде ставено на листата за „црвена потерница“ на Интерпол.
Болсонаро не е виден од понеделникот, а во вторникот наутро пропушти да ѝ го предаде својот пасош на федералната полиција – рок што беше поставен претходно. Ова ги поттикна шпекулациите дека тој можеби побегнал од Бразил по поразот во неделата.
Во извештај на бразилскиот весник „О Глобо“ (O Globo) се наведува дека за време на средба со пријатели и адвокати во понеделникот, поразениот кандидат изгледал како опседнат и јасно ставил до знаење дека се плаши оти ќе биде уапсен.
Аргентинскиот информативен портал „Инфобае“ објави дека тој, наводно, во понеделникот вечерта побегнал во Аргентина. Таму, во Пуерто Игуазу, требало да се качи на приватен авион за САД, но леталото не полетало.
Болсонаро, кој сè уште не го признал поразот од Луиз Инасио Лула да Силва, во понеделникот објави видео во кое, осврнувајќи се на поништувањето на неговиот пасош, изјави:
„Никогаш не сум размислувал да ја напуштам земјата.“
Еден од браќата на сенаторот, поранешниот конгресмен Едуардо Болсонаро – кој се наоѓа во доброволен егзил во САД – минатиот петок во интервју изјави дека неговиот брат би требало да го напушти Бразил доколку изгуби.
Бразилскиот весник „Фолха де С. Пауло“ пренесе дека на сојузниците од најтесниот круг на семејството Болсонаро им било кажано оти тој навистина заминал за Аргентина и планирал оттаму да продолжи кон САД.
Бидејќи нема евиденција дека тој поминал низ некој од редовните бразилски гранични премини, федералната полиција се обидува да утврди, преку аргентинските власти, дали постои запис за неговиот влез во таа земја.
Аргентинскиот канал „Тодо Нотисиас“ објави дека сенаторот, наводно, пеш ја преминал границата со Аргентина и се откажал од планот да се качи во авионот откако веста за неговото движење протекла во јавноста.
Од Болсонаро било побарано да го предаде својот пасош поради кривична постапка во која федералната полиција го истражува за можна вмешаност во шема за перење пари, вредна околу 905 милиони долари, во која биле вклучени компании за обложување.
