Покрај жалбата на Незири, Апелацискиот суд ја уважил и жалбата на обвинетиот Алмир Рамдедовиќ, осомничен во истиот случај
Апелацискиот суд му го укина куќниот притвор на претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири, кој е еден од осумтемина осомничени за насилниот упад во М-НАВ кој се случи на 4 јануари.
Покрај жалба на Незири, Апелациониот суд ја уважил и жалбата на обвинетиот Алмир Рамдедовиќ осомничен во истиот случај.
Апелацискиот суд Скопје во интерес на јавноста, медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, информира дека постапувајќи по жалбите на осомничените А. Р. и Б. Н., двајцата од Скопје, во предметите КСЖ 63/24 и КСЖ.бр.59/24, донесе решенија со кои жалбите на осомничените ги уважи, а решенијата на кривичниот совет на првостепениот суд ги преиначи, на начин што мерката куќен притвор ја укина, а ги остави во сила определените мерки на претпазливост, кои во овој момент претставуваат доволна гаранција за обезбедување на присуството на осомничените.
„Судот, ценејќи ги доказите приложени кон доставениот предлог за определување на мерка притвор, а имајќи предвид дека единствен доказ кој се однесува на осомничените е потврдата за привремено одземени предмети, како и наводите во изјавената жалба на ОЈО Скопје против Решението на судијата на претходна постапка и образложението на обжаленото решение, оцени дека во истите не се приложени докази, ниту се истакнати факти и околности кои укажуваат на реална опасност од бегство на осомничените, страв од попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, ниту се наведени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, а имајќи ги предвид личните прилики на осомничените и нивното однесување по сторување на кривичното дело за кое се сомничат“,
соопштија денеска од Апелациониот суд.
Оттаму велат и дека при одлучувањето, судот ги имал предвид и дадените предлози на Вишото јавно обвинителство Скопје со кои се предлага да се уважат жалбите на осомничените.
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје на 11 јануари му одреди 30-дневен куќен притвор на Беким Незири, и на уште три други лица, кои се поврзани со упадот во Македонската навигација (М-НАВ).
Тогаш кривичниот совет одлучуваше по жалбата која Скопското обвинителство ја поднесе во врска со одлуката на Судот да не го прифати барањето за притвор за осомничените во врска со упадот и насилството во М-НАВ.
Жалбата на Обвинителството следуваше откако судија на претходна постапка им определи мерки за претпазливост, а не притвор, како што бараше ОЈО Скопје, на четворицата осомничени за упадот во М-НАВ, меѓу кои е и Беким Незири, ексминистер и актуелен претседател на чаирскиот огранок на ДУИ.