Клековски појасни дека клиничката слика кај огромниот број пациенти е генерално лесна, со симптоми на дијареја, повраќање и дехидратација, додека треска и покачена температура се јавуваат поретко
Министерот истакна дека според досегашните епидемиолошки податоци, географската и демографската дистрибуција на заболените ја исклучуваат храната како фактор, но вели дека мора да се бидат претпазливи, а не да се скока во заклучок

Во Гостивар е прогласена епидемија по масовниот прилив на граѓани со стомачни тегоби, потврди министерот за здравство Сашко Клековски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија. Тој вели дека трендот на новопријавени случаи сè уште не опаѓа, а бројката се движи меѓу 250 и 300 пациенти на дневно ниво.
„Вчера имаше сто на детското одделение и 160 на Инфективниот оддел. Денеска имаме слична бројка на детското одделение и околу 200 на Инфективниот оддел“,
рече тој.
Клековски појасни дека клиничката слика кај огромниот број пациенти е генерално лесна, со симптоми на дијареја, повраќање и дехидратација, додека треска и покачена температура се јавуваат поретко.
Пациентите, додаде тој, примаат рехидратација, инфузија и терапија според симптомите што ги имаат.
„После примена на инфузија се испуштаат дома, малкумина се задржуваат. Ми се чини вчера беа три деца што се задржани преку ноќ, а денеска се неколку возрасни пациенти задржани и тоа се генерално возрасни пациенти со други болести, каде што заради претпазливост и дехидратацијата се задржани во болница“,
рече Клековски.
Прашан што значи прогласената епидемија, Клековски рече дека тоа е за подобрена координација на институциите и додаде дека сите здравствени мерки и информациите кон граѓаните се направени и пред таа да биде прогласена.
Тој истакна дека во делот на здравствените мерки сите афектирани пациенти се прифаќаат во општата болница во Гостивар и ги имаат сите неопходни лекарства.
Како што рече здравствените потреби во болницата се покриваат со ротација на лекари од останатите оддели.
„Во однос на истражувањата се прават лабораториски неопходните истражувања, се упатуваат пациентите на истражување на фецес, се земаат сите неопходни анализи и се покануваат на епидемиолошки анкети за да може да се воспостави врската помеѓу пациентите со можниот извор на проблемот“,
рече Клековски.
Во однос на тоа дека иако поминаа три дена откако случајот излезе во јавност и препораки да не се пие водата, а се уште има нови случаи, тој рече дека се важни епидемиолошките анкети за да се утврди точно причинителот.
Министерот истакна дека според досегашните епидемиолошки податоци, географската и демографската дистрибуција на заболените ја исклучуваат храната како фактор.
„Имав забелешки зошто сум ја спомнал храната вчера на прес од Гостивар. Ние мораме да пристапиме со сите можности отворени, а не веднаш да прогласиме виновен. Во демографијата и географијата на загрозените има од најмали деца до највозрасни луѓе. Има од повеќе населени места кои меѓудругото користат и други водоводи, не само овој гостиварски, има Чегране или Дебреше или други населени места и поради тоа е неопходно да се прават тие епидемиолошки анкети. Јас реков дека гледајќи ја демографијата, гледајќи ја географијата, бројката, се исклучува алиментарна инфекција. Мораме да бидеме претпазливи, а не да скокаме во заклучок, бидејќи кога ќе скокнеме кон заклучок, нема да ги направиме неопходните истраги да најдеме навистина што се случува“,
додаде тој.
Клековски истакна и дека ова во Гостивар не е прв пат и потсети дека во 2017 година имало слична состојба со неколку стотици заболени и причинителите не се најдени.
„Мојот настап беше дека според сегашните епидемиолошки податоци храната како можност е исклучена алиментарна, гастроентероколит е исклучен. Значи, за да се потврдат другите опции мора да завршат истрагите што ги води Институтот за јавно здравје“,
рече тој.
Резултатите од анализата на водата Клековски рече дека ќе бидат готови утре и оти тие се по барање на Јавното обвинителство.
„Пристапуваме со максимална одговорност и не сакаме да избрзуваме со заклучоци. Анализите на Институтот на јавно здравје се по барање на Јавното обвинителство. Во основа резултатите ќе ги соопшти Јавното обвинителство“,
нагласи Клековски.
Во однос на сомнежите дека приклучувањето на пумпи кон водоводниот систем е главната причина за ширење на заразата, Клековски потврди дека тие пумпи се ставени надвор од употреба веднаш штом е констатирана состојбата, а на сила останува препораката водата од водоводот да не се користи за пиење.
„Не би сакал да влеземе во заклучоци бидејќи би сакале да имаме објективна истрага која ќе заврши со конкретни резултати. И ова не е тема за политичко препукување. Имаше забелешки ако почнало на 13-ти, зошто не сме реагирале? Кога првите пациенти дошле на 13-ти, инфектолозите во болницата не знаеле дека ќе има таква масовност. Или имаше шпекулации дека јас сум изјавил дека не личело дека има услови за прогласување епидемија. Да повторам, не паметам за елементарна или хигиенска состојба да имало прогласена епидемија до сега. И второто најважно не сум го кажал тоа. Зошто не сум го кажал? Затоа што ниту јас, ниту некој друг, освен епидемиолозите не е надлежен да прогласи епидемија“,
кажа Клековски.
Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово попладнево пријави епидемија на подрачјето на Општина Гостивар, поради наглото зголемување на бројот на заболени со стомачни тегоби.
Според епидемиологот Зорица Зафироска причинителот за состојбата и од каде тој доаѓа сè уште не се познати и рече дека се во тек анализи и испитувања.
Претходно денеска од подрачната единица на ЦЈЗ рекоа дека се вршат увиди и епидемиолошки анкети и оти досега се обработуваат околу 140 формални пријави за заразна болест.
