„Сè уште не го знаеме изворот на заразата и причинителот уште ни е непознат. Во тек се испитувањата и чекаме резултати да видиме за што се работи. Редовно ја следиме состојбата, редовно спроведуваме епидемиолошки увиди, ги анкетираме заболените пациенти и за сè ќе бидете дополнително информирани“, вели епидемиологот Зафироска

Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово попладнево пријави епидемија на подрачјето на Општина Гостивар, поради наглото зголемување на бројот на заболени со стомачни тегоби.
„Поради зголемениот број на заболени со гастроентеритис и надминување на лимитот на неделно ниво, Центарот за јавно здравје Тетово, Одделение за епидемиологија Гостивар, пријавува епидемија на ниво на подрачјето на Општина Гостивар“,
рече д-р Зорица Зафироска епидемиолог.
Таа информираше дека во последните 24 часа, според информациите од Општата болница Гостивар, на преглед на инфективно одделение се јавиле 204 пациенти, од кои тројца се болнички лекувани. На педијатриското одделение се јавиле 140 пациенти, од кои 105 деца се нови пациенти, а 35 се контролни прегледи, и 9 пациенти побарале помош во Ургентниот центар.
Според неа, причинителот за состојбата и од каде тој доаѓа сè уште не се познати и рече дека се во тек анализи и испитувања.
„Сè уште не го знаеме изворот на заразата и причинителот уште ни е непознат. Во тек се испитувањата и чекаме резултати да видиме за што се работи. Редовно ја следиме состојбата, редовно спроведуваме епидемиолошки увиди, ги анкетираме заболените пациенти и за сè ќе бидете дополнително информирани“,
изјави Зафировска.
Претходно денеска од подрачната единица на ЦЈЗ рекоа дека се вршат увиди и епидемиолошки анкети и оти досега се обработуваат околу 140 формални пријави за заразна болест. Во истражувањето со стручна и лабораториска поддршка е вклучен и Институтот за јавно здравје, чии тимови вршат микробиолошко испитување на земените примероци од пациентите, но и детални испитувања на примероци од водата за да се проценат можните извори на зараза.
Паралелно се спроведува засилен надзор над водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови, во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Од Основното јавно обвинителство Гостивар денеска кажаа дека утре се очекуваат резултати од испитувањата на примероците од водата од гостиварскиот водовод, по што ќе биде одлучено како ќе продолжи постапката за случајот со сомневањата за нејзиниот квалитет. Од Обвинителството информираат дека се во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се вршат анализи и испитувања на примероците од водата.
Во меѓувреме, како што информираат од Обвинителството, локацијата во Вруток и понатаму останува обезбедена по наредба на јавен обвинител.
Министерството за здравство апелира до граѓаните строго да ги следат официјалните препораки, да одржуваат редовна хигиена на рацете и навремено да побараат медицинска помош доколку почуствуваат повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација.
Додека траат анализите и мерките на институциите, Владата донесе одлука интервентно да обезбеди по 50 000 литри бесплатна вода за пиење дневно за граѓаните на Гостивар.
Дистрибуцијата ќе се реализира преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на седум пунктови низ градот.
