Со „селфиња“ со партиските членови лидерот на СДСМ се „одјави“ од прес-центарот во хотелот „Белви“ каде што коалицијата „Можеме“ ги чекаше изборните резултати.
Дваесетина минути пред 2 часот утрово тој со поголемиот дел носители од кандидатските листи се појави во хотелот на излезот од Скопје да прогласи победа. Без конечни резултати, но со уверување дека има најмалку три пратенички места повеќе од ВМРО-ДПМНЕ тој на граѓани им вети правда и економија во новиот мандат.
„Добро знам дека тивкиот глас на многумина од оние кои не излегоа да гласаат е став кој бара токму правдата. Го слушнав и тој став, иако тивок, и на тој став му порачувам – ќе има правда, ќе направам се твојот став да можеш гласно да го кажеш, веќе на следните избори. Стојам пред вас, заедно со мојот тим и се обврзувам да работам макотрпно за да дојде правда за секој“,
рече Заев повторувајќи неколкупати во низа „правда-економија“.
Помалите коалициски партнери, дел од кандидатите за пратеници и партиските членови го дочекаа со еуфорија, која се чини понесе дел од нив и заборавија на социјалната дистанца. „Зоки, Зоки“ се скандираше неколкупати во негово присуство, но и претходно кога кај социјалдемократите почнаа да пристигаат првичните резултати и шефот на изборниот штаб Љупчо Николовски нешто по 23 часот од говорница прогласи победа.
Тивко и далеку помалку раздвижени и без гужви, пак, поминаа првите два часа по затворањето на избирачките места.
Во центарот на Скопје, исто така, под отворено небо резултати се чекаа и пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Таму главниот политички конкурент на Заев за премиерската фотелја, Христијан Мицкоски, воопшто не се појави пред медиумите и јавноста. Шефот на изборниот штаб, Игор Јанушев, одржа прес-конференција, порача дека исходот од изборите се уште е неизвесен и дека ВМРО-ДПМНЕ, сепак, влегува во трка за состав на новата влада.
Симпатизерите и членовите, кои пред полноќ почнаа да се собираат пред партиското седиште се разотидоа. Околу 1 часот го отстранија и видеобимот, а си заминаа и новинарските екипи.
Во албанскиот блок, пак, изборниот процес заврши со победничка атмосфера во ДУИ. Изборен резултат се славеше со зурли и тапани во Тетово и Сарај, а во скопски Чаир славјето беше засилено и со истрели од огнено оружје. И интегративците се чини заборавија на коронавирусот, ретко кој носеше маски, а наместо социјална дистанца се виеја ора. Партискиот лидер Али Ахмети процени дека обезбедиле околу 100 илјади гласови во албанскиот блок или 12 пратенички мандати. Победата тој ја прогласи со зборовите „орелот се врати“.
Коалицијата „Сега е време“ предводена од Алијанса за Албанците и Алтернатива, иако најавуваше убедлива победа, според првичните резултати, не успеа да ја претрка ДУИ со бројот на гласови. Сепак, на заедничка прес-конференција ноќва лидерите Зијадин Села и Африм Гаши порачаа дека Арачиново повторно е бастион на Албанците, а најавија приговори за гласањето во Сарај, каде според нив, се полнеле кутии.