Ако се потврди дека СДСМ има 49, а ВМРО-ДПМНЕ 46 мандати, Заев би требало да обезбеди поддршка од уште најмалку 12 пратеници за ново парламентарно мнозинство и за состав на новата влада. Секој мандат повеќе, пак, би му обезбедил поголема комоција при изборот на можни нови партнери во Владата
Коалицијата „Можеме“ освоила најмалку три мандати повеќе од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашните избори, според лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Прогласувајќи победа, Заев рече дека, според последните податоци од аналитичкиот центар на партијата, СДСМ има засега 49 мандати, а ВМРО-ДПМНЕ 46. Сепак, како што посочи, се чекаат уште резултати од поголеми општини, така што не е исклучено „Можеме“ да добие уште две пратенички места, со оглед на Донтовиот модел кој при распределбата на последните мандати ја фаворизира политичката опција која е во предност.
Посочи дека е можно колаицијата на СДСМ и Беса да добие мандат плус во шестата ИЕ. Заев, исто така, рече дека во четвртата и во третата ИЕ, каде што носители на листите на СДСМ беа тој и партискиот генерален секретар Љупчо Николовски е нерешен соодносот во мандати со ВМРО-ДПМНЕ, односно и двете партии имаат по десет од вкупно 20 мандати.
На прашање со која политичка опција планира да преговара за коалиција за состав на идната влада, Заев рече дека треба да се почекаат конечните резултати за да се види точниот распоред на сили во новиот парламент.
Доколку се потврди дека СДСМ има 49, а ВМРО-ДПМНЕ 46 гласови, Заев би требало да обезбеди поддршка од уште најмалку 12 пратеници за ново парламентарно мнозинство и за состав на влада. Секој мандат повеќе, пак, би му обезбедил на лидерот на СДСМ поголема комоција при изборот на можни нови партнери во Владата, со оглед на мошне солидниот резултат што го постигна коалицијата на Алијансата на Албанците и на досега владејачката Алтернатива, како и очекувањето ДПА да има најмалку еден мандат во новиот состав на законодавниот дом.
Претходно, лидерот на ДУИ Али Ахмети прогласи победа во албанскиот политички блок и посочи дека неговата партија има сигурни 12 мандати, а дека се надева на уште едно место.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, не се обрати воопшто по завршувањето на изборите, додека генералниот секретар на партијата Игор Јанушев изјави дека досега опозициската партија, исто така, влегува во трка за составување на новата влада.
Во вечерашното обраќање, Заев изјави дека коалицијата „Можеме“ е победничка на парламентарните избори.
„Можеме, и тоа како можеме. ‘Можеме’ е најголемата, најразноликата, најмоќната и победничка коалиција на овие избори. Граѓаните излегоа и гласаа за сигурна иднина, за заедништво и солидарност, за економски патриотизам, за ред и правда, излегоа г и избраа подобро денес и подобро утре. Патот напред е потврден, на опасноста и кажавме јасно ‘не’“,
порача Заев.
Тој оцени дека имавме избори какви што ѝ доликуваат на земја-членка на НАТО, која граби кон ЕУ. Изборите ги оцени како достоинствени, слободни, демократски, безбедни и современи.