Опозиционерите обвинија дека влезот на српската Алта банка и преземањето на Стопанска банка АД Битола е овозможено од актуелната власт предводена од премиерот Христијан Мицкоски во 2025 година, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека влезот на Алта банка во земјава бил овозможен во 2023 година од страна на СДСМ со поддршка на ДУИ
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и денеска разменија обвинувања во врска со влезот на Алта банка во земјава, префрлајќи ја одговорноста една на друга за улогата на актуелната и претходната власт во случајот.

Од опозицискиот СДСМ велат дека документот од „Службен весник“ од јуни 2023 година, кој власта го користи како доказ дека претходната влада склучила зделка со Алта банка, е погрешно претставен.
„Станува збор за пакет од 7 213 акции (околу 1,85 отсто од капиталот на Стопанска банка АД Битола) што државата ги конфискува од Сашо Мијалков и фирмата ‘Ексико’ со пресудата за случајот ‘Империја’. Одлуката од 6 јуни 2023 година е само редовна законска процедура според Законот за управување со конфискуван имот – формална согласност Агенцијата за управување со одземен имот да ги продаде запленетите акции за да влезат пари во буџетот. Истиот ден се дадени идентични согласности и за други запленети акции. Овие акции воопшто не беа продадени во мандатот на СДСМ. Алта банка тогаш воопшто не беше присутна во државата“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите обвинија дека влезот на српската Алта банка и преземањето на Стопанска банка АД Битола е овозможено од актуелната власт предводена од премиерот Христијан Мицкоски во 2025 година. Од СДСМ велат дека власта се обидува да го заташка случајот со Алта банка, но сметаат дека нема да им успее.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека влезот на Алта банка во земјава бил овозможен во 2023 година од страна на СДСМ со поддршка на ДУИ.
„Фирмата на сватот на Ахмети, според јавно достапни информации, поседувала акции во Стопанска банка АД Битола, кои потоа ги продаваат на Давор Мацура и Алта банка. Филипче и СДС молчат за ова и не коментираат од страв кон ДУИ. Ако денес, за Филипче Мацура е криминалец, а Алта банка е банка со сомнителен капитал, зошто во 2023 година кога ДУИ спроведувале влез во Македонија, СДС шурувале? Зошто тогаш Филипче беше тивок, а денес толку гласен? Одговорот е јасен. Затоа што си ја ишка мувата од капата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
