Првиот човек на МЖ Транспорт најавува дека и тие и другите државни институции вклучени во проектот размислуваат за промени на возниот ред, отворање на нови стојалишта и други прилагодувања за прибилижување на сегашните железнички станици со цел возот да стане прва опција за транспорт за се поголем број на граѓани
Кога е во прашање односот меѓу вложените пари за да се стартува и да работи Градскиот воз и (засега) малиот број на патници, Кошутиќ објаснува дека исплатливоста не може да се гледа само низ призмата на парите. Возот е електрифициран, додава тој, со што се смета за еколошки транспорт. Така, секој патник влијае на намалување на сообраќајниот метеж и емисијата на штетни гасови
360 степени: Господине Кошутиќ, поминаа два месеци откако е оперативен градскиот воз, односно првата линија од Зелениково до Скопје. Како сте задоволен?
Дејан Кошутиќ: Ние, генерално, сме задоволни. Задоволни сме од неколку причини. Пред сѐ, ова е прва фаза на проектот градски воз, целиот проект и првата делница од проектот градски воз. Со оглед на тоа дека не постоеше досега како облик на траспорт, посебно со приградските населби, ние сме задоволни од одзивот на граѓаните и нивната реакција. Тоа што често го спомнуваме, кога вие имате конкретно за железничка станица Зелениково, да од Зелениково се доаѓаше до центар на Скопје за над 70 минути, а сега имате можност за 19 минути од Зелениково или 11 минути од Драчево, тоа само по себе збори за каква придобивка од тој само аспект за кој збориме.
360 степени: Бевме и ние на возот. Се возевме, направивме една репортажа. Несомнено е забрзан и удобен транспортот, но неодминлив е впечатокот дека недоволно патници го користат, барем во моментов?
Дејан Кошутиќ: Па видете, значи тоа не, не е само кај нас. Значи тоа било каде и во многу поразвиени поразвиени држави. А едноставно тоа е процес каде што граѓаните треба да внесат во себе во размислување дека покрај досегашниот облик или врсти на транспорт за да дојдат до центар на Скопје, ќе имате на располагање дали градски воз, дали автобуски превоз, дали интегриран… Значи едноставно да им овозможите на граѓаните повише форми на на брз транспорт. А ефектите си се ефекти. Конкретно со градскиот воз, бидејќи тоа е електрицирана електрицирана пруга, железницата е класифицирана во зелен зелен транспорт. Тоа и од аспектот на екологија, меѓутоа и оноа што Скопје е како и другите градови во денешницата се соочува со огромен број на возила. Не само возила кои се во самите градови, меѓутоа и на дневната флуктуација на возила на влез и излез. Тоа е една работа. И еве како еден индикатор, само во октомври месец имаме скоро 6 000 превезени патници на оваа прва фаза. Целиот ефект на проектот Градски воз целосно ќе се види со затварање со заокружување на целиот проект до крајот на ’27, со пуштање на оние двете останати линии, станица Ѓорче Петров и на кај исток станица Маџари Илинден – Миладиновци и тогаш го фаќате цел целиот град. И тоа овозможува на пресек на град Скопје во големиот проект, во сериозниот проект интегриран градски транспорт каде што ќе бидат вклучени останатите субјекти, пред се Јавното сообраќајно претпријатие, бидејќи железнички транспорт со проектот градски воз ние не е посебен проект на железнички транспорт, туку сме еден од клучните сегменти на целиот проект интегриран градски транспорт.

360 степени: Бидејќи споменавте еве и број на превезени патници, дали имате и проекција колку превезени патници би сакале да имате или што сметате за некаква гранична линија којашто ќе биде успех на проектот. Во смисла не толку само финансиски, туку и во оној дел што го кажавте дека не мора да биде финансиски исплатлив, туку еколошки, социјален?
Дејан Кошутиќ: Добро ви е прашањето, сосем нормално прашање колку сме задоволни. Задоволни сме затоа што ефектот се виде веднаш после првите недела дена. Значи штом нашите сограѓани од подалечните населени места позитивно го прифатија тоа дека сега го имаат и на располагање и транспортот до центар по патна железница, тој првичниот ефект си го кажува своето. Секако, сѐ уште е рано за да се направат некои подолгорочни. Прво, да не се повторам нека е ова прва фаза, меѓутоа првите индикатори веќе ќе можат да послужат за симулации и припрема на бизнис планот за 2027 година.
360 степени: Разговаравме со патниците, па дури разговаравме и со жители од населени места како Драчево. А еве ќе кажам две забелешки во ова прашање. Едното е дека би сакале да има и линија којашто од сабајле можеби одговара повеќе на почетокот на работно време, околу 7:30 пример. Од друга страна, жителите на Драчево велат дека иако станицата можеби географски не е толку далеку од населбата, сепак ја доживуваат како отпат во смисла дека нема уреден паркинг таму. Улицата и тротоарот не се баш уредени за да се пристапи. Така што би ве прашал во оваа смисла – дали планирате некои унапредувања во овој контекст, односно приближување на некој начин на актуелните станици и можеби промени во возниот ред?

Дејан Кошутиќ: Баш затоа пред малку споменав дека ова не е проектот на железнички транспорт, самостоен проект на железнички транспорт, туку е проект раководен од Град Скопје преку проектот Интегриран градски транспорт, каде се вклучени повеќе субјети. И ова пуштање на првата линија од Зелениково, од централна станица до Зелениково и назад беше по целосна координација на Министерството за транспорт и градоначалникот на Град Скопје, каде што беа вклучени и сите јавни претпријатија од Град Скопје, од комунално, од транспортно, улици и патишта, железнички транспорт, тие работи.
360 степени: Добро, во тој контекст иако не е директно ваша надлежност, разбирам, освен возниот ред можеби – дали и што се планира, па дури и отворање можеби на нови железнички станици кои би биле поблиску до населението?
Дејан Кошутиќ: Секако. И новите железнички станици или железнички стајалишта, целосната интеграција и интеграција во еден систем каде што ќе бидат вклучени железнички транспорт и јавно сообраќајно претпријатие еве веќе во наредните месеци ќе биде имплементирано. Така да сите, инаку што се однесува она што пред малку спомнавте за одредени реакции на граѓани во во делот на возниот ред, па секако кога ќе почете нешто од нула зародиш, вам ви треба доволно инпути или влезни информации за да можете да го прилагодите што поуспешно, затоа што на некои им одговара да речеме 7:30, на средношколците им одговара пример во 7:00 или во 6:30, на некои им одговара во 7:45, меѓутоа према тие анализи што ќе се прават на првите 3 до 4 месеци отприлика ќе се гледа да се прилагоди. Зборам од железнички транспорт, таму каде што не ќе може да се прилагодиме, тука затоа се и интегриран градски транспорт. Тука доаѓа опцијата, доаѓа втората опција или првата, сеедно, на автобускиот превоз или што е сѐ испроектирано или испланирано од аспектот на градот како интегриран градски транспорт.
