Поранешниот градоначалник на општината Аеродром, Ивица Коневски, ја продолжи серијата на поранешни високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои бараат промени во актуелното раководство на опозициската партија. На социјалната мрежа Фејсбук тој напиша дека резултатот на изборите го оправдуваат таквото барање.

„Крајно време е за промени во ВМРО-ДПМНЕ, ова уште еднаш го потврдија последните парламентарни избори. Повеќе од јасно е дека на партијата и е неопходен добар тим, раководство со капацитет за обединување и демократизација, кои во моментов се клучни за враќање на довербата кај граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш имала свој препознатлив печат, кој за жал изминатите неколку години избледе. Но, и покрај сите премрежија, кај многумина од нас не избледе искрената желба партијата да се врати на својот вистински пат, да ги следи современите текови и повторно да стане делотворен чинител во ова општество. ВМРО-ДПМНЕ тоа го има, го може и знам дека ќе успее пак да се издигне на пиедесталот, онаму каде што припаѓа, на првото место.
Доаѓаат подобри времиња!“
напиша Коневски на Фејсбук.
Денот по утрото се познава?
Коневски, својот став го објави уште „по сабајле“ што наликува на развојот на настаните од претходните денови кога други поранешни функционери јавно побараа промени и оставка на Мицкоски од претседателското столче. Се наликува, иако во моментов се уште не може да се тврди со сигурност, дека станува збор за синхронизирани акции на незадоволна група.
Вчера, оставка од Мицкоски и промени во партијата бараа поранешните високи партиски и владини функционери Никола Тодоров и Сашо Мијалков.
Нивните ставови испровоцираа реакција од ВМРО-ДПМНЕ преку ветеранот во партијата Иван Соколов кој ги нарече играчи на Зоран Заев. Но, барем на ставовите на Мијалков, имаше силна реакција и од поранешниот претседател на партијата Љубчо Георгиевски и од поранешниот висок партиски функционер Љубе Бошковски.
Завчера пак, „улогата“ да побараат оставки ја имаа двајца актуелни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски и Даниела Рангелова. Станува збор за двајца поранешни високи партиски функционери кои и досега јавно критикуваа дел од политиките на партијата, особено одлуката за бојкот на референдумот. Тие, сепак, не беа исклучени од партијата бидејќи не гласаа за измени на Уставот.