Реконструкцијата, рече тој, не се прави само поради резултатите постигнати досега, туку и поради, како што кажа, промена на приоритетите. Според Мицкоски, сè уште не се знае дали реконструкцијата ќе опфати промена на една третина од составот или ќе се менуваат носителите на министерските позиции во повеќе ресори
Тој, во вечерашното гостување во „Отворено студио“ на МРТ 1, се осврна и на владеењето на правото, наведувајќи дека негов став е оти тоа е проблем во перцепцијата на граѓаните, затоа што во суштина, како што кажа, и немаме владеење на правото, туку имаме мешетарење во правото. Во тој контекст, премиерот кажа дека не е задоволен од правосудството, упати жестоки критики кон поранешното СЈО и посочи дека очекува расветлување на сите афери
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во вторник следната недела ќе се одржи состанок на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ по кој ќе се знаат персоналните решенија и промени на ресорите во рамки на планираната реконструкција на Владата.

Мицкоски ова го кажа во гостување на МРТ 1, по повод отчет за сработеното во изминатите две години од работата на Владата со која раководи, а прашањето за претстојната реконструкција беше едно од првите прашања на кои говореше тој.
Промена на приоритетите
Реконструкцијата, рече тој, не се прави само поради резултатите постигнати досега, туку и поради, како што кажа, промена на приоритетите. Според Мицкоски, сè уште не се знае дали реконструкцијата ќе опфати промена на една третина од составот или ќе се менуваат носителите на министерските позиции во повеќе ресори.
„Не се битни само резултатите, дали биле добри или недоволно добри или можеби воопшто немало резултати, понекогаш реконструкцијата се прави затоа што се менуваат приоритетите. Можеби тие приоритети пред две години имале една форма, после две години имаат поинаква форма. И логично е владините коалициски партнери по овие две години да ги искристализираат сопствените приоритети и онаму каде што можат најмногу да придонесат. Мислам дека оваа реконструкција ќе биде во тој дух и со таква форма“,
рече тој.
Мицкоски потврди дека ќе има промена на ресори, наведувајќи дека секој од владините партнери си има свои приоритети во одредени области.
„И во насока на тоа, јас ценам дека во следниот период оваа влада којашто ќе биде, доколку ја добие довербата од пратениците, ваква каква што планираме да биде реконструирана, сега ќе видиме дали тоа ќе биде во рамките на оние една третина или ќе биде повеќе, очекувам да го заврши многу успешно својот мандат“,
рече премиерот во „Отворено студио“ на МРТ 1.
За персоналните решенија и за ресорите во кои ќе има промени, тој не сакаше да говори и рече дека остава тие да се обзнанат по седницата на Извршниот комитет на партијата. Во тој контекст, Мицкоски рече дека сепак станува збор за одлуки што треба да се донесат на политичко ниво, па дури потоа да се операционализираат во рамките на Владата.
„Така што, во вторник најпрвин да помине седницата на Извршниот комитет, па дури потоа да ги кажеме кои се ресорите и кои се имињата, но во суштина, станува збор за промена на портфолија и промена на приоритети кај владините коалициски партнери“,
кажа премиерот.
Говорејќи во таа насока, тој рече дека не може да се зборува на квалитативна основа што е тоа што го очекувал и што е тоа сега е постигнато бидејќи, како што наведе, состојбата во државата што ја затекнале кога почнале пред две години и оваа сега е многу поразлична. Денес, како што кажа премиерот, државата е многу понапред од тоа што била пред две години.
„Исто така, ќе потсетам дека ние во минатото имавме една, би рекол, мини-реконструкција, посебнон по локалните избори. И, исто така, сакам да потенцирам дека од денешна перспектива ако ги гледаме работите и ако се вратиме две години наназад, ние знаевме дека е тешко, дека е лошо, но верувајте тоа е поезија во споредба со она коешто го затекнавме пред две години. Така што, ако некој почнувал од нула, ние почнувавме од длабок минус. И затоа денеска можам, после овие две години, да кажам конечно сме консолидирани и конечно сме подготвени да забрзаме напред. И очекувам со оваа реконструкција и со овие новодефинирани приоритети, коишто се во рамките на владината програма, да грабиме напред, да го испорачуваме тоа за коешто сме се обврзале пред граѓаните“,
рече Мицкоски.

Тој се осврна и на владеењето на правото, наведувајќи дека негов став е оти тоа е проблем во перцепцијата на граѓаните, затоа што во суштина, како што кажа, и немаме владеење на правото, туку имаме мешетарење во правото.
Премиерот во таа насока кажа дека не е задоволен од правосудството и посочи дека очекува расветлување на сите афери бидејќи, според него, тоа е единствениот начин граѓаните да ја променат перцепцијата во однос на довербата во судските органи.
СЈО е една од причините за состојбата на правосудниот систем, смета премиерот
Тој наведе три работи од минатото што создале проблем кој оставил, како што наведе, девастирачки последици на правосудниот систем кои, според него, ќе се чувствуваат уште некое време.
„Првиот е оној период кога тогашната најголема опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ беше најголема опозициска партија вонпарламентарна, после изборите во 1994 година или оној познат избор на судии кој се случи во тој период на таа влада 1994-1998 година. Тоа беше еден целосен процес на партизирање на правосудството од страна на тогашната влада. Вториот проблем за кој ние мораме да сме свесни и да кажеме дека е имплант во правосудниот систем тоа е (згаснатото н.з.) Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и сите оние состојби коишто му претходеа. Му претходеа оние т.н пржински договори и преговори во едни други времиња помеѓу 2015 и 2016 година, се изроди тој имплант, се создаде како некаков политички договор и компромис и потоа сето понатаму беше неправо. Една друга влада таа институција ја користеше да биде политичка алатка за вршење политички притисок врз неистомислениците, во тоа време опозицијата или, пак, за реализирање некакви лични или политички цели“,
кажа Мицкоски.

Премиерот со критики се осврна на работата на поранешното СЈО, пренесувањето на ингеренциите на обвинители кои дојдоа од него по неговото згаснување, за кои рече дека покажале медиокритетски капацитет, а од нив се очекувало дека наводно ќе донесат некаква правда и вредности.
„Се сеќавате како дојде на голема врата, поддржано со акламација од меѓународна заедница, во одредена мера и финансирано од страна на меѓународна заедница, со очекувања дека не знам што ќе се случува, дека тие луѓе, коишто во суштина покажаа медиокритетски капацитет, ќе донесат некаква правда и вредности. И сето сите ние знаеме како заврши тоа, а за да го покажат карактерот на ситни души се оние бонуси за кои до денес останаа нерасветлени. Но, тоа нема да остане туку така и сега да се надоврзам на моите очекувања од сегашниот јавен обвинител, да поминат 100 дена коишто треба секој да ги добие на аклиматизација запознавање со средината и слично, очекувам сите овие работи за кои сега зборував да бидат расветлени и да бидат обелоденети пред јавноста. Тогаш јавноста ќе може да почне да размислува за промена на перцепцијата бидејќи ако останат неразјаснети и нерасчистени тогаш се плашам дека состојбата ќе биде уште полоша и довербата кон тие институции ќе биде уште помала од граѓаните“,
изјави Мицкоски.
