По интервјуто на Сашо Мијалков за Плусинфо, партијата Обединети за Македонија чиј лидер е Љубе Бошкоски упати реакција во која го обвини поранешниот шеф на УБК и екс-висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, дека заедно со неговиот братучед Никол Груевски ја уништиле ВМРО-ДПМНЕ.
„Нашата реакција е со цел, во старт да се пресечат обидите да се минимизира победата на двоецот Георгиевски – Бошкоски, кои се синоним за очувување на вмровската идеја, и кои и во 2016-та, и на последните избори, ја поразија политиката која ја всадија токму тој со неговиот братучед, за кои има отворени серозни обвиненија за криминал и злоупотреба на функција. Како партија, со целосна одговорност, тврдиме дека претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, предводено од Груевски и Мијалков, ја уништија ВМРО-ДПМНЕ со нивните антидржавни дејствувања“,
се вели во реакцијата на Обединети за Македонија.
Мијалков во интервјуто за Плусинфо во кое упатува критика кон Христијан Мицкоски и актуелното раководството на ВМРО-ДПМНЕ го споменува и Љубе Бошкоски како личност која со Љубчо Георгиевски придонесла за еден од најлошите изборни резулатите во партиската историја.
„Реалноста гласи дека ова раководство на ВМРО ДПМНЕ го оствари најслабиот резултат во историјата. Од освоените 455.000 гласови на последните парламентарни избори во 2016 година, Христијан Мицкоски падна на 315.000 гласа. Само Љубчо Георгиевски бил полош од него во 2002 година, кога освои 300.000 гласови, а тогаш и тој и Љубе Бошковски беа на црната листа на САД, a позади себе имаа шверц на цигари, нафта,убиства и куп други афери“,
изјави Мијалков во интервјуто за Плусинфо.