Од денеска повторно ќе биде ставена во функција модуларната болница до Инфективната клиника, а вакцинацијата, што се очекува да почне од среда, ќе се одвива во здравствените домови
Засега нема потреба од дополнителни рестрикции, ама не исклучувам и таква можност, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во Сарај, каде што беше во увид на изградбата на поликлиника.
Тој најави дека можноста за воведување нови рестрикции ќе се разгледува во почетокот на следната седмица и дека одлуките ќе се носат согласно со анализата што се подготвува за ширењето на коронавирусот во различни градови и за кој тип на вирусот станува збор.
„Се покажа дека британскиот сој на вирусот е причина за над 70 проценти од новите случаи на ковид-19 во земјава. Тоа е посебно карактеристично за некои градови, како Скопје, Прилеп, Неготино, Кавадарци, Охрид“,
изјави Филипче.
Тој рече дека од денеска повторно ќе биде ставена во функција модуларната болница до Инфективната клиника, поради тоа што повторно се зголемуваат бројките на хоспитализирани пациенти, но болничките капацитети засега не се загрозени. Вакцинацијата, пак, очекува да почне од среда и таа ќе се одвива во здравствените домови.
Во врска со влијанието на епидемиолошката ситуација на пописот, Филипче рече дека Комисијата за заразни биолести одржала состанок со претставници на Државниот завод за статистика, од каде што произлегле и протоколите за безбедно спроведување на статистичката операција.
„Сега навистина не можам да кажам дали ќе препорачаме некои генерално рестриктивни мерки кои ќе се однесуваат на територијата на целата држава. Велам уште еднаш, засега немаме индиција дека нешто треба да се направи, меѓутоа не е исклучена можноста“,
истакна Филипче.