Проекциите за спроведување на пописот се правени во услови кога во земјава имаше и по над илјада заразени дневно, велат премиерот и директорот на ДЗС, додека во однос на можните нови мерки Заев рече дека ќе се почека мислење од Комисијата за заразни болести
Премиерот Зоран Заев не гледа причина да се одложи спроведувањето на пописот бидејќи, како што нагласи, тој се организира по сите протоколи за заштита. Резултатите од овој попис, според него, се исклучително важни за економската иднина на државата, и затоа тој треба да се спроведе.
„Не гледам никаква причини, дури ни во претпоставени околности за повеќе заболени од просекот, да се одложи процесот на попишување. И не треба да се одложи, бидејќи тој ќе се одржи по сите предвидени протоколи и мерки за заштита кои се правени во период кога имавме и по над 1 000 случаи на ден“,
изјави денеска Заев.
Начинот на пристап на анкетирање, нагласи, е јасно дефиниран преку почитување на безбедносните протоколи и заради тоа процесот не треба да се одложи.
„Веројатно некои земји може да си дозволат да одложат, но тие имаат направено пописи пред дсетина години, а ние немаме попис речиси дваесет години. Немањето податоци носи неправди, носи нерамноправност кај граѓаните и нееднаквост, а институциите на локално и на централно ниво ги става во положба да работат во магла, во непознато, така што пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април со резидентите. Тој е веќе почнат со попишување на дијаспората. Враќање нема, треба сите да преземеме одговорност и да учествуваме во оваа статистичка операција која е најпотребна за развој на економските мерки перспективи и иднина на државата“,
рече премиерот Заев.
И директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски изјави денеска дека проекциите за спроведување на пописот се правени во период кога во земјата имаше и по над 1 000 нови случаи на ковид-19 дневно.
„Комисијата за заразни болести ја следи ситуацијата на дневна основа и засега нема таква препорака. Моментно има услови за спроведување на пописот, со тоа што секој од учесниците во операцијата треба да ги почитува и да се придржува до протоколите“,
рече Симовски, одговарајќи на прашање за евентуално прекинување на пописот поради ситуацијата со ковид-19.
Заев денеска, исто така, не сакаше да прејудицира дали ќе се воведат нови рестриктивни мерки по зголемувањето на бројот на новодијагностицирани од ковид-19. Тој изјави дека ќе ги следат препораките на Комисијата за заразни болести.
„За евентуални други рестриктивни мерки ќе ја чекаме Комисијата за заразни болести. Веројатно тие ќе работат денеска и во текот на викендот, а в понеделник во 9 часот стандардно има состанок Главниот координативен штаб на Владата, каде што присуствува и министерот за здравство. Ние ќе ги следиме нивните препораки. Имаме нов пик, рече Заев, но да видиме што ќе кажат бројките овие денови и конечно кој ќе биде предлогот на Комисијата за заразни болести“,
рече Заев.