Има и посебен протокол за попишување на лицата кои во периодот на спроведување на пописот се позитивни на коронавирус
Посебен протокол за заштита од ковид-19 за време на спроведување на Пописот на населението и домаќинствата усвои денеска Владата, по предлог на Комисијата за заразни болести.
Од Владата соопштија дека протоколот за превентивни мерки при спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година предвидува мерки во сите три фази на операцијата, односно во фазата на тестирање, фазата на обука и во фазата на спроведување на пописот на терен. Има и посебен протокол за попишување на лицата кои во периодот на спроведување на пописот се позитивни на ковид-19.
На денешната владина седница е утврден и текстот на предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Основна цел на ова законско решение, како што велат од Владата, е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија – национален парк, заради обезбедување заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес.
Денеска Владата го разгледа и прифати Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година.
Исто така, министрите ги разгледале и планот и мерките за борба против корупција.
„Планот за борба против корупцијата е подготвен врз основа на сите препораки и предлози од надлежни институции, невладини организации, независни тела, како и согласно со укажувањата на релевантните домашни и странски извештаи и содржи нови начини и соодветни механизми за спречување и искоренување на корупцијата како продолжение на антикоруптивните политиките што ги зацрта Владата со почетокот на актуелниот мандат.Со овој план се зајакнуваат капацитетите и се воспоставува синхронизиран систем за ефикасна функционалност на институциите во првите редови против корупцијата, за враќање на довербата во нив и за општество ослободено од корупција“,
се наведува во соопштението од владината седница.
Владата го усвои и новиот концепт на настава во основното образование и, како што се наведува, даде целосна поддршка за предложените решенија.