Епидемиологот Предраг Кон кој изминативе денови бараше затворање на угостителските објекти на седум дена, по денешната седница изјави дека овие мерки ќе имаат влијание, но не доволно
Од утре напладне до понеделник до 6 часот наутро во Србија се затвораат кафеани, кафулиња, трговски центри, и во градовите и во скијачките центри, а ќе работат само продавниците за храна, аптеките и бензиските пумпи.
Ваква одлука донесе поладнево Кризниот штаб откако бројот на новозаразени во земјата постојано е меѓу 3 и 4 илјади изминативе недели.
Епидемиологот Предраг Кон по седницата изјави дека од понеделник и средните училишта ќе се префрлат на онлајн часови, но останатите дејности се враќаат на нормална работа како и претходно.
Претходните денови Кон рече дека епидемиолошката состојба во Белград е катастрофална и дека ќе бара затворање на сите кафулиња и ресторани најмалку седум дена.
Кон призна дека мерките донесени денеска ќе имаат ефект, но не доволно.
Тој ги повика граѓаните да се вакцинираат, бидејќи карантин би била тешка опција за Србија, но додаде дека е невозможно да не се реагира на вкви бројки.
Лекарите од Кризниот штаб побараа дури и полициски час.
Минатиот викенд кафеаните и трговските центри работеа до 14 часот.
Следниот состанок на Кризниот штаб ќе биде во вторник.