Лекарите кои се дел од Кризниот штаб сметаат дека само така ќе има намалување на бројката на заразени за седум до 10 дена
Медицинскиот дел на Кризниот штаб во Србија бара воведување полициски час и забрана за контакти, бидејќи, според нив, тоа е најефикасен начин да се намали бројот на заразени за седум до 10 дена.
„Тие беа јасни и решителни дека во овој момент тоа би било најсоодветно, што се однесува до медицинската работа. Тие не можат и не сакаат да навлегуваат во последиците што ќе ги предизвика ваквата рестрикција, пред се во економијата, па останува да се состанеме повторно во следниот временски интервал, да имаме консултации и да донесеме одлука што ќе биде соодветно“,
соопштија од Кризниот штаб по ссостанокот.
Од телото кое ги предлага мерките до Владата сметаат дека мора да се има предвид пред се здравјето и интересот на граѓаните, но исто така и да се води грижа како државата ќе може да издржи, не само економски, туку и во сите други аспекти, при евентуално ново затворање.
Денеска Србија продолжи со трендот на голем број заразени, при што од 13 286 тестирани во последните 24 часа, 3 469 биле позитивни, а 16 пациенти починале, додека 164 пациенти се на респиратор.
Викендов во Србија беше воведена рестриктивна мерка со која кафеаните и трговските центри работеа до 14 часот донесена во петокот, при што од Кризниот штаб ја најавија како предупредување пред воведување полициски час.