Предраг Кон на утрешниот состанок на Кризниот штаб ќе ја пренесе загриженоста од катастрофалната состојба посебно во Белград
Главниот епидемиолог на Србија Предраг Кон оцени дека епидемиолошката состојба во Белград е катастрофална и најави дека ќе побара целосно затворање на сите угостителски објекти најмалку седум дена.
Според него, неприфатливо е мерките да бидат благи, како што е случајот сега, бидејќи состојбата е лоша.
Драстичните мерки тој најави дека ќе ги побара на состанокот на Кризниот штаб што ќе се одржи утре или в петок.
„Доаѓа сериозен период. Ако не се поставиме строго, ќе имаме зголемување на бројот на заразени“,
изјави тој за ТВ Прва.
За него најопасен е моментот на преполнување на болниците, бидејќи паралелно со процесот на вакцинација се зголемува хоспитализацијата, што го загрозува овој процес.
Во Србија во моментот се вакцинирани околу еден и пол милион граѓани, а оние кои веќе примиле две дози се безбедни за оваа сезона.
Поради растот на заразени на дневно ниво, Кризниот штаб размислува и за полициски час.