Куќниот притвор на поранешниот генерален секретар на Владата му беше одреден на 6 јули, истиот ден кога тој првостепено беше осуден на затворска казна од осум години во предметот „Софтвери“. Рашковски ја доби затворската казна за делото злоупотреба на службената положба и овластување и за делото перење пари. За виновни беа прогласени и преостанатите шестмина обвинети чии затворски казни се движат од три до пет и пол години
Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, осуден на повеќегодишна затворска казна во случајот „Софтвери“, е на половина пат да излезе од куќен притвор.

Ова доаѓа откако кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје донел решение за укинување на мерката во замена за гаранција во вредност од околу 193 000 евра во недвижен имот.
„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по предлог за укинување на мерката куќен притвор за осудениот Д.Р., донесе решение со кое мерката куќен притвор се укинува со определена гаранција во вредност од 11 868 762 денари во недвижен имот“,
велат за „360 степени“ во Кривичниот суд.
Оттаму додаваат дека станува збор за неправосилно решение бидејќи надлежниот обвинител поднел жалба на решението со што конечниот збор дали Рашковски ќе излезе од куќен притвор ќе го има второстепениот суд, односно скопска Апелација.
„Станува збор за неправосилно решение за кое по добиена жалба на надлежниот обвинител и комплетирање на предметот во законски утврдениот рок ќе биде доставен на надлежно постапување во второстепениот суд“,
се додава во информацијата од Основниот кривичен суд Скопје.

Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски на 6 јули беше првостепено осуден на затворска казна од осум години во случајот „Софтвери“, а за виновни беа прогласени и преостанатите шестмина обвинети чии затворски казни се движат од три до пет и пол години затвор.
Рашковски ја доби затворската казна за делото злоупотреба на службената положба и овластување – седум години и за перење пари – една година и шест месеци, кои судот ги пресмета во единствена казна од осум години. За делото фалсификување исправа, пак, беше ослободен од обвинение.
Инаку, пресудата не е правосилна бидејќи странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.
Другите обвинети неправосилно се осудени за делото злоупотреба на службената положба и овластувања.
Инаку, неодамнешните контроверзни измени на Кривичниот законик се очекува да имаат импликации и врз овој предмет, во однос на делото злоупотреба на службената положба и овластување по членот 353. Имено, Рашковски во „Софтвери“ се гонеше по став 5 од овој член кој отпадна со измените на КЗ, а гласеше: „Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.
Покрај затворската казна, првостепената пресуда предвидува и солидарно да се надомести штетата на државата во висина од 6,4 милиони денари за набавката на софтверот за биометриска идентификација и речиси пет милиони денари за софтверот за определување просечна брзина на возилата. Судот со првостепената одлучи и да се надоместат парите од исплатените хонорари на обвинетите од Генералниот секретаријат на Владата. Вкупната штета, како што процени судот, е 18 794 136 денари (околу 305 000 евра).
По изрекувањето на пресудата, судот му одреди куќен притвор на Рашковски, иако обвинителката Ивана Трајчева бараше мерка ефективен притвор.
Меѓу причините зошто бара притвор за Рашковски, Трајчева го наведе тоа што има разлика во вредноста на имотот што тој го дал како гаранција пред Апелација за укинување на мерката притвор. Истиот имот, рече Трајчева, не бил во толкава вредност бидејќи според известување од Општината Струмица тој бил вреден 50 000 евра односно три пати помалку.
Втора околност, наведе Трајчева, е што сестрата на Рашковски живее во Словенија и му префрлила 35 000 евра поради што обвинителството смета дека таа може да му обезбеди престој во странство.
Обвинителката наведе и дека е неспорно оти Рашковски поседува голема количина пари во готовина. Исто така, наведе дека претходно Рашковски кога бил во домашен притвор не ги почитувал мерките за забрана за комуникација и контактирал со Игор Христов, еден од обвинетите.
Случајот „Софтвери“ се однесува на тендери од Генералниот секретаријат на Владата во времето на Рашковски и опфаќа четири набавки на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.
Пресуда дојде откако пред нешто повеќе од две години, „360 степени“ го отвори случајот во јавноста. Во март 2021 година ја објавивме првата сторија дека Генералниот секретаријат на Владата купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала, ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично регистрирал таков патент.
- (ВИДЕО) Рашковски купил софтвер за сообраќајни казни, а МВР не знае за набавката и не планира да ја користи
- (ВИДЕО) 360° во потрага по „Инвока гроуп“ – одете си, ќе викнам полиција!
- (ВИДЕО) Рашковски вози луксузен џип кој не фигурира во неговиот анкетен лист
- Рашковски купил и „систем за биометриска идентификација“ со државни пари во 2019, а сличен изум патентирал во 2013 година
Повеќе вести од судскиот процес „Софтвери“:
- Почна процесот против Рашковски: Русковска вели дека ќе докаже дека тој ја злоупотребувал функцијата за лични материјални цели
- Рашковски во судница: Ајде да направиме реконструкција да видиме дали софтверот навистина не функционира
- Судење „Софтвери“: Во вибер-комуникацијата Рашковски бил „Перо 078“, обвинителката чита пораки за тендерите
- Рашковски за пораките од Вибер: Никој не ме нарекува Перо
- Рашковски се брани во „Софтвери“: Негира дека го купил сопствениот патент и вели дека и Илон Маск би напишал иста спецификација како него за тендерот
- Рашковски со „анатомска анализа на обвинителниот акт“ побара ослободителна пресуда во случајот „Софтвери“
- Обвинетиот професор Димитровски во случајот „Софтвери“ емотивно побара ослободителна пресуда
Други поврзани вести:
- Русковска смета дека три предмети ѝ „пресудиле“ за суспензијата
- Случаите што ги отвори „360 степени”, а потоа ОЈО ГОКК ги истражуваше – за Рашковски и „Виа комерц”, ѝ пресудиле на Русковска?
- Рашковски бара извинување од Русковска: Кажете со име и презиме кој ви ја даде понудата во замена за запирање на „Софтвери“
- Стразбур предлага, Рашковски и Станчев одбиваат да се спогодат со државата за притворот во „Софтвери“